Возачи си пушат и си зборуваат на мобилен телефон додека возат градски автобус. Граѓани сведочат дека некои возачи не внимаваат доволно на безбедноста во сообраќајот, користат мобилен телефон со едната рака, а го вртат воланот со другата рака. Во некои автобуси прозорците не се отвораат или се отвораат недоволно за да излезе чадот од цигарата.
Во една прилика, откако патниците реагирале за пушењето, возачот им рекол „да се тргнат настрана, ако им пречи чадот“.
Од Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје за Плусинфо потврдија дека добиваат поплаки од граѓаните.
– Повремено имаме поплаки за возачи кои користат мобилен телефон за време на возење или пушат цигара. За да покренеме дисциплинска постапка против возачот кој користи мобилен телефон или пуши цигара за време на управување со автобус, неопходен е доказ. ЈСП е отворено за жалби и поплаки од патниците, по чија регистрација, пријавените случаи се испитуваат од соодветните служби во претпријатието. Имаме директна комуникација со корисниците на нашите услуги преку фан страната на ЈСП на Фејсбук, како и преку нашата веб-страна. Секој кој има конкретна поплака за наш вработен, дали станува збор за возач, контролор, билетарка и слично, може да ја испрати на посочените адреси со наведен опис на ситуацијата и информација (ден, време, линија, гаражен број на возило), односно да достави фотографија од, на пример, возач со мобилен или со цигара за време на управување со автобус. Врз основа на тоа, внатрешната контрола го испитува случајот и доколку се утврди прекршување на кодексот за работа, комисијата за дисциплински постапки во рамки на ЈСП презема соодветни мерки – велат оттаму.
Во изминативе девет месеци, покренати се 88 дисциплински постапки, од кои 9 се против возачи кои за време на возење користеле мобилен телефон, а двајца пушеле цигари.
– Во зависност од природата на кршењето на кодексот за работа, казната може да биде усна опомена, парична казна, времена прераспределба на друга работна позиција. Инаку, внатрешната контрола секојдневно е на терен, со цел, меѓудругото, да надгледува дали возачите го почитуваат кодексот на работа – велат од ЈСП.
Ленин Јовановски од „Слободен превоз“ вели дека иако граѓаните ретко се жалат, овие пропусти се случуваат.
– Поретко се жалат, сега во последно време не. Веројатно пропусти се случуваат постојано. Ние преземаме сѐ што можеме со нашите надлежности, а можеме само да опоменуваме или евентуално да го смениме возачот и да побараме да добие отказно решение. Не сме овластени да казнуваме. И јас кога се движам низ градов ја забележувам таа појава кај одредени возачи. Тука веројатно ќе треба надлежните органи кои санкционираат такви појави да се поприсутни и тоа да го решаваат, за да биде поефикасно. Ние апелираме додека се вози да не се пушат цигари, да не се зборува на мобилен телефон за да не се загрози безбедноста во сообраќајот – вели Јовановски.
Тој потсетува дека превозниците денеска се соочуваат со дефицит на возачи и дека едвај наоѓаат луѓе за работа, зашто голем број од возачите работат во странство.
– Тоа е појава со која се соочуваат сите превозници во Македонија, и не само тука, ами пошироко во регионов. Ако се бркаат од работа, ќе се остане без возачи. Друго е кога ќе се удри по џеб. Тој и тука кога вози, но и во странство, не смее да зборува на мобилен телефон додека вози или да пуши цигари. Секаде е исто, надлежните мора да санкционираат. Така што веројатно една од причините што им се простува на овие шофери и што тие не се дисциплинирани е бидејќи имаме недостиг од нив во целата држава – додава Јовановски.
Милорад Димитриевски од „Макекспрес“ вели дека не добиле поплаки за нивните возачи.
– Ние имаме состаноци на 15 до 20 дена со Управниот одбор со членови од „Макескпрес“ на кои се апелира да не се пуши и да не се употребува телефон од безбедносни причини. За цигарите се знае, во сите работни простории е забрането пушење. Автобусот е средство за јавен превоз и пушењето апсолутно не е дозволено – вели тој.
Кај нив граѓаните пријавуваат непредвидени доцнења на автобусите и метежи.
– На линијата 19, која оди до Шуто Оризари, нон-стоп има некои градежни активности. Доаѓаше до скратување на линијата, па наместо до последна станица, автобусот одеше до затворот и патници се јавуваа со поплаки. Улиците се работеа, автобусот немаше од каде да помине – појасни Димитриевски.
На оваа тема побаравме став и од Министерството за внатрешни работи, но до објавување на текстот од нив не добивме одговор.