Хаџиманов: Без жртви нема победа, „Од љубов не се бега“  

640

„Како Вардар“, „Љуби ме и главата горе“, „Од љубов не се бега“, познати ви се, нели, овие наслови, испеани шансони, евергрини. Тоа се само најпознатите, од кои веднаш ви текнува на мултимедијалниот уметник кој се занимава со поезија, проза и музички дела Зафир Хаџиманов. Тој, легендарниот Хаџиманов, играл и главни улоги во неколку филма, како во филмовите „Нож“ и „Македонска крвава свадба“. Тој е последниот човек кој пред маршалот Тито отпеал сплет македонски песни.

Треба да се пишува за успешните, за творците и затоа во интервју за МИА, Хаџиманов со порака: читајте селективно и квалитетно, кажете што мислите и бранете го тоа аргументирано докрај. Без жртви нема победа, вели, а болно е што некогаш и со жртви нема ни победа, ни живот. За неговото творештво вели дека не се баш многубројни оние што го разбираат. Жално, потенцира, ама имаме сѐ уште многу неписмени. Не буквално, рече Хаџиманов, туку суштински.

Зафир Хаџиманов, поет, актер, музичар, мултимедијален, но и почесен амбасадор на културата на Македонија во Србија. Која е Вашата порака до родната земја, до граѓаните, пред сè до сите оние кои на каков било начин творат во културата?

Секоја моја песна, креирана и испеана, или напишана и отпечатена, секоја моја ролја, секоја проза, секоја изјава, коментар, сето тоа што јас го чувам и внимателно и умно одвреме-навреме го подарувам е една иста порака – културата и уметноста се силно оружје во борбата за слобода на сè – и љубов, и мисла, и живот, што не може да се купи ниту на црн, ниту на легален пазар. Ниту кај Трамп, ниту кај Путин, ниту кај Си Џинпинг, ниту на Бит-пазар. Прво, описменете се, второ, читајте селективно и квалитетно и, трето, кажете што мислите и бранете го тоа аргументирано докрај.

Хаџиманов е музичар – последниот човек кој пред маршалот Тито отпеал сплет на македонски песни, непосредно пред неговата смрт.

Животот е понекогаш игра. Замислете си ексклузивна 1979 година. Тито од болен, поболен, а славиме Нова 1979/1980 година, во Караѓорѓево. Дојдовме со неколку автобуси. Половината веднаш ги вратија назад, зашто маршалот има мака и програмата мора да се скрати. Словенците и „Седуммина млади“ веднаш ги спакуваа, не им треба тралала-музика. Треба нешто пософистицирано. Кого, па Сенка и Зафир. Колку ти е мило, толку ти е тажно, а пак си велиш сите отпаднаа, ние останавме. По толку години секоја убава мисла пропаѓа, како што пропадна Југославија.

Вие во ниту еден момент не престанавте со работа, по повод 55 години работа го објавивте најновото ЦД-издание „Како Вардар ќе дотечам. Најдоброто од Зафир Хаџиманов“. Како лично Вие може да го сумирате севкупното Ваше творештво?

Моето творештво не е за сумирање или отсумирање. Имав среќа Господ да ми дари дарба за сè што е во доменот на културата и уметноста и тоа го остварувам со радост, крв, пот и солзи. Не се баш многубројни оние што ме разбираат. Жално, ама имаме сè уште многу неписмени. Не буквално, туку суштински.

Кoи награди Ви се најдраги?

Оние што не сум ги добил. (Ха, ха, ха!)

За успех се потребни многу откажувања, сте биле ли во ситуација да треба да се откажете од некоја од уметностите или од нешто што многу Ви значело во животот?

Ненормално – нормално. Без жртви нема победа. Болно е што некогаш и со жртви нема ни победа, ни живот.

Aко направите осврт на сѐ што е направено професионално, дали нешто би промениле, Ви остана ли проект што сте го посакувале, а не е реализиран.

Охохооо! Охохооо!

Колку посветеноста на професијата Ви навлезе во приватниот живот?

Многу, но јас ја контролирам редовно. Ха, ха!

Ве влече ли родното место Кавадарци, сепак старите велат – каменот тежи на своето место?

Утре би дошол да не сум пред вратите на св. Петар.

Зафир Хаџиманов по таткова линија потекнува од Кавадарци, додека по мајчина е скопјанец. Дипломирал на Факултететот за драмски уметности во Белград, во 1967 година. Тој речиси целиот животен век го поминал во Белград. Во брак е со една од најпознатите југословенски пејачки Сенка Велетанлиќ-Хаџиманов, со која го имаат синот Васил Хаџиманов, познат џез-музичар.

Автор е на стихозбирките „Шансони на хартија“, „Азил“, „Народен пејач“, „Пес-Пејачка“ и „Брат“, објавени на македонски и на српски јазик. Носител на повеќе награди и признанија на фестивали за поезија и музика, меѓу кои на Струшките вечери на поезијата во 1975 година и на Интернационалниот фестивал на шансони во Загреб во 2003 година.

За својата работа Хаџиманов е добитник на повеќе награди, како што се: наградата на југословенската естрада и е прогласен за истакнат уметник на Србија, наградата за животно дело на скопското радио Бубамара во 2002 година; награда за животно дело, по гласање на гледачите на ТВ Јесењин, Нови Сад во 2003 година и во 2006 година наградата „Златна маска“ за ширење на македонската култура низ светот. Покрај неколкуте награди за животно дело и нашата Влада во 2009 година го прогласува за амбасадор на културата на Република Македонија во Република Србија.

Почетоците на Хаџиманов како кантавтор се во седумдесеттите години на минатиот век, кога ќе се појави како автор на стихови и во тандем со композиторот Корач ја освојува првата награда на Скопскиот фестивал со песната „Земи момче Македонче“, а потоа во 1971 година и со песната „Панаѓур“. Како автор на „Како Вардар“, „Зошто“ и „Туѓа си“ наградуван е на Скопскиот фестивал во 1972/1973/1974 година.

По повод 55 години од неговото музичко творештво, во 2014 година е промовиран неговиот компилациски албум со 19 песни, што во тираж од 10.000 примероци е дистрибуиран како подарок во рамките на списанието „Теа модерна“.

Хаџиманов на домашната македонска сцена во 1968 година игра главна улога во музичката комедија на Т. Арсовски и А. Џамбазов во Драмскиот театар во Скопје, а во дует со Љупка Димитровска ја освојува првата награда на фестивалот „Скопје 68“. Во 1969 година повторно се појавува на филмското платно во филмот „Време без војна“ од Бранко Гапо. Таа година втор пат заминува на турнеја во СССР, а на фестивалот во Опатија ќе ја испее песната на А. Корач, „Био е мај“, која ќе стане дефинитивно голем евергрин.

Сам или во дует со својата сопруга Сенка Велентанлиќ-Хаџиманов, снимил повеќе ТВ-програми и го поминал светот пеејќи на концертите во СССР, Франција, Германија, Шведска, Полска, Чехословачка, Унгарија, Романија, Бугарија, САД, Канада, Куба, Австралија итн. Настапувал и раскошно ја сееше македонската музика на сцените како што се Олимпија – Париз, Опера хаус – Сиднеј, Бољшој театар – Москва.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...