Владата планира да го одржи темпото на економски реформи до изборите

Имаме цел да ги оствариме ваквите таргети со остварување на 4,1 отсто раст, а тоа значи многу нови работни места, многу нови инвестиции во државата, зголемен извоз и зголемен економски стандард на граѓаните, рече Заев.

85

Владата е насочена и во овој период да го одржи темпото на економските реформи што се случуваат во државата. Рано е да размислуваме за технички премиер и министри, изјави премиерот Зоран Заев пред почетокот на Конференција на Светската царинска организација – ПИКАРД  што се одржува денеска во Скопје.

– Знаете дека имаме таргет од четири отсто, иако е проектиран во Буџетот на 3,5 отсто. Имаме цел да ги оствариме ваквите таргети со остварување на 4,1 отсто раст, а тоа значи многу нови работни места, многу нови инвестиции во државата, зголемен извоз и зголемен економски стандард на граѓаните – рече Заев.

Тој додаде дека оваа година ќе заврши како навистина економска година и дека и наредната година биде економска заради тоа што 2020 и така е изборна година.

Заев рече дека во консултации со коморите му било речено дека  април е најсоодветен месец за избори.

– Ако бираат од 12-те месеци во годината, април е најсоодветен месец за избори во изборна година. Очекувам дека растот оваа година ќе го постигнеме најмалку оној што го имаме проектирано и оптимист сум дека може и над четири отсто согласно трендовите во моментов. Следната година проектиравме да растеме од она што го постигнавме досега и секако ако остане мотивацијата на вистинскиот пат, на правиот пат на ЕУ, ако се случи НАТО во првите месеци од годината, верувам дека таквиот тренд ќе продолжи да се движи – рече тој.

Премиерот рече дека се работи на буџетот за следната година додека пак за растот на пензиите рече дека се прават пресметки колку ќе растат, оти методологијата ќе биде позната до крајот на годината.

-За пензиите се прават пресметките колку ќе растат. Се уште е рано, бидејќи една од најсуптилните активности во проекциите на буџетот е пензискиот фонд. Не може да ги гледаме само состојбите сега, туку  трендот на стабилност на буџетот. Буџетот е стабилен и тој генерира годишно 2-3 милијарди резервоар на пари што припаѓаат на пенизонерите. Методологиите ќе се објаснат до крајот на годината. Намерата е да биде правично покачување на пензиите – рече Заев.

Заев рече дека на овие избори ќе бара чист мандат за да ги продолжи реформите.

Во врска со тврдењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека со некоја од партиите од владејачката коалиција разговараат за преоѓање во опозицискиот блок, Заев рече дека секоја партија е независна во својата определба, но очекува валдејачката коалиција дополнително да се зголемува.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...