Граѓани се жалат дека градските автобуси во Скопје стојат на постојките додека контролорите им ги прегледуваат билетите поради што потоа доцнат на работа или на училиште.
Патниците се лутат затоа што доцнат неочекувано и затоа не можат да го испланираат времето за контрола и тоа дали воопшто ќе влезат контролори во автобусот додека тие се возат во него. Како да не е доволен метежот низ градот, велат патниците, па и автобусот мора да стои додека се проверуваат билетите и дополнително да го кочи сообраќајот.
– Првпат се случува да запре автобусот кога влегува контрола. Порано не беше така. Сега автобусот запира и сите чекаме да се проверат патниците што треба да се симнат на некоја постојка. Влегуваат по четворица контролори, по двајца на предна и по двајца на задна врата. Откако ќе ги проверат патниците што треба да слезат, контролорите наредуваат да се отворат вратите за да се симнат едни и да се качат други патници. Со тоа се создава нервоза и кај тие надвор и кај тие внатре, како и непотребни турканици на вратите – вели скопјанка што секој ден се вози со градски автобус.
И возачите се нервозни поради ова ново правило во ЈСП „Скопје“. Очевидци раскажуваат дека возачите видно изнервирани се побуниле откако им било наредено да го запрат автобусот додека траела контролата на патниците.
– Ќе доцнам со линијата, потоа вие расправајте се со моите надлежни! Од каде го измисливте ова да се стои на станица? – им се жалел возач на контролорите, но тие го смирувале со убедување дека никој нема да му пререче што ќе доцни со возниот ред.
Од ЈСП Скопје велат дека според описот на ситуацијата, најверојатно станува збор за нивни вонредни акции.
– По ситуацијата што ја опишувате, станува збор за вонредни акции на линиската контрола. Процедурата налага застанување на автобусот на постојката на која влегува контролата. Влегуваат по четворица контролори. Проверката на билетите трае не повеќе од пет минути. Патниците кои се затекнуваат без уреден билет, се симнуваат од возилото. Акциите се вршат на сите линии, односно поделени се во четири зони – велат од ЈСП.
Оттаму велат дека денеска имало вонредна акција во првата и во втората зона, односно на линии што сообраќаат во реонот Автокоманда-Чаир. За два часа, контролорите затекнале 70 патници без билет.
– Целта на ваквите акции е зголемениот број на фатени патници кои го користат јавниот превоз без билет – додаваат од ЈСП.