МЗШВ: Ќе се насочиме кон исполнување на препораките од ЕК

132

Ќе се насочиме кон исполнување на сите препораки содржани во Извештајот на Европската комисија, велат за МИА од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

По изнесените забелешки и оценката дека Македонија е умерено подготвена во земјоделството, ефикасното искористување на ИПАРД – средствата останува еден од главните приоритети, а политиките и натаму се фокусирани на градење цврсто договорно производство кое, според МЗШВ, ќе значи сигурен пласман, повисока откупна цена и поконкурентни производи.

– Веќе го детектиравме проблемот на ниска искористеност на ИПАРД фондовите за време на претходната влада. Во таа насока Платежната агенција и Телото за ИПАРД кадровски се зајакнуваат, а во тек е и процесот на нови вработувања. Почнуваме со модификација на ИПАРД 2014-2020 со што во Програмата ќе влезат Советодавните услуги и ЛИДЕР, а целта е да се зголеми портфолиото на мерки кои ќе бидат финансирани со ЕУ фондови и ќе бидат достапни до македонските земјоделци – информираат од Министерството.

Во процедура е и пакетот за акредитација за мерката „Рурална инфраструктура“ кој ќе биде испратен на одобрување до Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој при Европската унија.

Според Извештајот, Македонија е на добро ниво на подготовка во областа на безбедноста на храната и ветеринарната политика. Постигнат е и напредок во усогласувањето со заедничката земјоделска политика.

– Во таа насока организираме редовни и навремени средби со сите засегнати страни. Нашата цел и обврска како ресорно Министерство е да создадеме услови за непречен откуп и стабилни откупни цени. Нашите политики се насочени кон градење цврсто договорно производство, кое ќе значи сигурен пласман, повисока откупна цена и поконкурентни производи – децидни се од МЗШВ.

Преку ИПАРД 2 Европската комисија и додели на Македонија 60 милиони евра. За првиот јавен повик претходната година беа доставени 1.647 барања за нешто повеќе од 73,5 милиони евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...