Подобар и побезбеден пренос на податоците во воздухопловството треба да овозможи новата Паневропска сервисна мрежа PENS, за која е потпишан нов договор во Брисел меѓу Евроконтрол и Бритиш телеком, а на кој присуствуваше и членот на Управниот одбор на М-НАВ и извршен директор на Секторот за воздухопловна техника Климент Чепуњоски заедно со 41 партнер од воздухопловната индустрија.
– Со оваа мрежа ќе се обезбеди безбеден и економичен пренос на податоците што се релевантни во ова поле на делување. Новиот PENS е продолжување на PENS од 2009 година и нуди опслужување на поголем број корисници, зголемена флексибилност, безбедност, расположливост и многу други погодни карактеристики – информираа денеска од М-НАВ.
Како што истакнал генералниот директор на „Евроконтрол“ Еамон Бренан, со зголемувањето на обемот на воздушниот сообраќај, со новиот PENS ќе се подржи европското воздухопловство, обезбедувајќи подобра прекугранична поврзаност, а и ќе се поткрепат апликациите што се особено значајни за безбедноста.
Моментално има околу 100 локации на повеќе од 30 тековни корисници на PENS, кои, како и „Евроконтрол“, постепено и во групи ќе преминуваат кон новиот PENS во периодот меѓу октомври годинава и 30 ноември следната година, кога и истекува актуелниот PENS договор.