Европската инвестициска банка ќе обезбеди 80 милиони евра за изградба на Пречистителна станица за отпадни води во Скопје. Околу 10 милиони евра од овие пари ќе бидат грант. Со проектот ќе се изгради и станица за третман на отпадни води, што ќе опслужува преку 650.000 жители од градот Скопје.
Финансирањето на овој крупен инфраструктурен проект, како и неколку други идни проекти се дискутирани на средбата на делегацијата предводена од министерката за финансии Нина Ангеловска и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска со потпретседателот на ЕИБ Ендру Мекдауел, за време на Годишните средби на групацијата Светска банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), што се одржуваат во Вашингтон.
Вкупната вредност на Проектот за изградба на Пречистителна станица Скопје е 136 милиони евра, од кои остатокот ќе бидат обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Се очекува договорите со меѓународните финансиски институции за финансирање на Пречистителна станица за отпадни води во Скопје да бидат потпишани до крајот на годинава.
На состанокот било разговарано и за одобрување на дополнителни 50 милиони евра за Проектот за водоснабдување и одведување отпадни води во општините како резултат на успешно спроведување на тековниот проект, чија вредност е 50 милиони евра.
Од страна на ЕИБ е изразена и подготвеност за финансирање на третата делница на железничката пруга на Коридорот VIII, односно од Крива Паланка до Деве Баир. Делницата е во должина од 23,4 километри, а во нејзиното финансирање освен ЕИБ би учествувале и ЕБОР, а исто така би се искористиле и средства од ИПА фондовите.