Економијата е во добра кондиција и реални се очекувањата земјата да стаса до раст од 3,5 отсто, којшто воедно е проекција на Министерството за финансии, но и на Народната банка, изјави министерката за финанснии Нина Ангеловска коментирајќи ја нагорната проекција на растот на македонската економија од страна на Меѓународниот монетарен фонд.
Во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик Ангеловска оценува дека ваквиот раст има широка основа.
– Добро е што може да се каже дека зборуваме за раст на една широка основа, при раст на инвестициската активност, раст на градежништвото, на потрошуваката, на извозот, кредитирањето на приватниот скетор. Оттука си даваме за право да кажеме дека македонската економија е во добра кондиција, се движи одлично и оти е реално очекувањето да достигнеме проектираниот раст од 3,5 проценти, што воедно е проекција на Министерството за финансии и на Народната банка – вели Ангеловска.
Меѓународниот монетарен фонд во вчерашниот извештај ја ревидира стапката на раст за македонската економија годинава од три во априлската прогноза на 3,2 проценти. За наредната година ММФ предвидува раст од 3,4 отсто, а до 2024 година 3,5 отсто.
На средбите во Вашингтон, делегацијата предводена од гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска -Бежовска и министерката Ангеловска, оствари повеќе работни состаноци со претставници на меѓународните финансиски институции и организации