Турција мора да ја запре својата воена операција во северниот дел на Сирија, која носи нови страдања во веќе уништената држава од војната, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел во Парламентот.
Таа повтори и дека Германија забранува продажба на оружје за Турција, што оваа година се искачи на рекордно ниво.
Меркел во обраќањето пред пратениците наведе и дека турската офанзива ќе донесе нова несигурност во регионот и во Европа во контекст на Исламска држава.
– Претходните успеси во борбата против таа радикална група, во голем дел постигнати со помош на курдските сили, би можеле да бидат поништени, истакна Меркел.
Таа во исто време го нагласи и фактот дека Турција примила околу 3,6 милиони сириски бегалци, со што и помага на Европа.
И покрај тоа што Меркел наведе дека ќе престане да и продава оружје на Турција, не побара дополнителни санкции. Германија во првите осум месеци од годинава и продаде оружје на Турција за 250,4 милиони евра, што е највисока сума од 2005 година.
Турција на 9 октомври почна офанзива во Сирија насочена кон курдските милиции за кои тврди дека се поврзани со Курдската работничка партија (ПКК), која повеќе децении е во судир со Анкара.