Компаниите ризикуваат да не го наплатат долгот, но не користат осигурување

Осигурувањето на побарувањата ќе ги чини различно компаниите и тоа ќе зависи од купувачот и земјата од која доаѓа купувачот, како и од предвидениот ризик.

693

Иако 30 отсто од активата на компаниите се побарувања кои не можат да ги наплатат со месеци, тие не се осигуруваат од ризикот и се доведуваат во состојба на неликвидност, имаат проблеми со планираните парични текови, ги пролонгираат плановите, а имаат и финансиски проблеми со кредитните линии кои ги земаат за да излезат од состојбата. Дополнително на ова и осигурителенните друштва не нудат ваков вид продукти кои би им го олеснило работењето на компаниите на домашниот и странскиот пазар.

Ова беше речено на денешната конференција на тема „Осигурување на побарувања и придобивки за компаниите“ која се одржа во Стопанската комора.

Спротивно на земјава, 30 отсто од компаниите, пак, во Словенија го осигуруваат побарувањето и ги користат бенефитите од тоа повеќе од 25 години.

– Во овој период ние сме активни чинители на меѓународните успеси на словенечката економија и во тие рамки го гледаме и нашиот настап на македонскиот пазар.Тука гледаме перспективна извозно ориентирана средина во која што би можеле да одиграме иста или слична улога како во Словенија – изјави Сергеј Симонити, претседател на управата на словенечката компанија „Cobace PKZ“ која преку „Сава осигрување Македонија“ го нуди осигурувањето на побарувања.

Ваквиот вид на осигурување компаниите ќе можат да користат веќе од следниот месец.

Генералниот директор на „Сава осигурување“ Сашо Дракуловски смета дека во земјава овој вид осигурување има перспектива.

– Веќе има заинтересирани компании и присуството на голем број од нив на денешната конференција говори за нивниот интерес. Покрај другото осигурувањето на побарувања има позитивно влијание врз продажните резултати на компаниите бидејќи овозможува излез на нови пазари, како и обезбедување нови купувачи на постојните пазари – рече тој.

Според него, ова осигурување е корисно за компаниите што работат во земјата и странство бидејќи тие со него покрај надоместокот за ненаплатените побарувања, добиваат и покритие на трошоците за наплата на судските трошоци и како многу важно  подобрена кредитна способност.

– Добро е за компании кои во своето работење овозможуваат подолги рокови на плаќање, или сакаат да нудат работење со одложено плаќање, развиваат нов производ или се прошируваат на нов пазар, ако имаат ограничени интерни можности за наплата, врзани се со само неколку големи купувачи или едноставно сакаат да ги подобрат условите за кредитирање – вели Дракуловски.

Тој додава дека осигурувањето на побарувањата ќе ги чини различно компаниите и тоа ќе зависи од купувачот и земјата од која доаѓа купувачот, како и од предвидениот ризик.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...