Важноста од интеграцијата на земјите од Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на Европската Унија, е тема на разговорите на работниот ручек на кој присуствуваа премиерот Зоран Заев, претседавачот на Министерскиот Совет на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, премиерот на Република Косово, Рамуш Харадинај, Заменик претседателката во Владата на Република Албанија, Сенида Меси, министрите од владите на земјите на Западен Балкан, Еврокомесарите за соседска политика и проширување и за дигитална економија и општество, Јоханес Хан и Марија Габриел, државниот секретар во министерството за економија и енергетика во Владата на Сојузна Република Германија Томас Берејс, претставници на Европската инвестициона банка, и претставници на Советот за регионална соработка на земјите од Западен Балкан.
За време на разговорот на работниот ручек, премиерот Заев ја истакна важната улога на „Дигиталниот самит за Западен Балкан“, и на презентираната студија „Влијанието на дигитализацијата на просперитет на Западен Балкан“, како значајни импулси за земјите од регионот за да ја продлабочат соработката и поинтензивно да работат на дигитална трансформација којашто ќе придонесе кон раст на БДП, пораст на инвестициите во регионот, развој на старт-апи и отворање на нови работни места.
На средбата се разговараше и за иницијативата за институционализација на Платформата за бизнис пријателска средина (Business Friendly Environmet,BFE) како мултилатерална организација којашто ќе биде поддржана од владите во регионот.