„Ќе се разбудам ли пак?“ е насловен вечерашниот концерт на Филхармонијата со кој ќе бидат одбележани 60 години од раѓањето на композиторот Гоце Коларовски (1959-2006).
Насловот е извлечен од неговиот истоимен вокален циклус. Неговата „Симфонија“ ќе биде дел од програмата на концертот, а ќе прозвучат и дела од Дебиси и Копланд.
– Музичкиот опус на Коларовски е автентичен и препознатлив и во него доминира суптилен израз кој вешто ротира околу современата естетика изградена на интересни созвучија. Звукот во делата на Коларовски речиси секогаш е проткаен со своевидна мистика, специфична оркестрација и особен акцент на динамиката и музичкиот колорит. Симфонијата за оркестар, солист и ансамбл баритони е негова дипломска работа и во неа можат да се почувствуваат никулци на она што подоцна во своето творештво ќе го развие како автентичен музички израз и јазик – соопшти Филхармонијата.
Солист во изведбата на ова дело ќе биде басот Владимир Саздовски, како и ансамблот баритони од хорот „ПроАрс“.
Под диригентската палка на Сашо Татарчевски ќе биде изведен и Концертот за кларинет и оркестар од Арон Копланд со настап на шпанскиот кларинетист Пабло Бараган, кого публиката ќе го слушне и како солист во изведбата на „Прва рапсодија за кларинет и оркестар“ од францускиот композитор Клод Дебиси.