Институт за економски истражувања и политики Finance Think смета дека владата треба уште еднаш да го одмери предлогот за зголемување на минималната плата и да ги спореди со податоците за продуктивноста на работниците и ефикасноста и технолошкиот напредок во компаниите кои исплаќаат ниски плати. Анализата на Институтот покажува дека предложеното зголемување на минималната плата може да претставува значаен товар за работодавецот кај 2/3 од примателите на минимална плата, додека кај 1/3 ќе помогне за формализација на платата во плико.
Влада вчера објави дека минималната нето плата ќе се зголеми на 14.500 денари од сегашното ниво од 12.507 денари, што претставува зголемување од 16%.
Проценките на Finance Think се дека оптимално ниво на минимална плата коешто е конзистентно со тековната продуктивност во економијата се движи до 13.500 денари.
Ова го потврдува и „Анализата на ефектите од измените во Законот за минимална плата“ направена во 2018 година.Во неа е извршена квантитативна симулација, како и квалитативна проценка врз основа на длабински интервјуа со засегнати работодавачи.
Од Институтот додаваат дека порастот на минималната плата не треба да се гледа изолирано од другите потези на носителите на политиките. Поконкретно, предлог Законот за субвенционирање на платите предвидува ослободување од придонеси за делот од порастот на нето платите од 600 до 6.000 денари.
Со овој предлог Закон, во одреден дел, се таргетира сузбивањето на „платата во плико“, за кој феномен Finance Think за првпат објави податоци и алармираше во текот на 2017 година
– Според податоците за платата во плико, во мај 2018 година, 69% од примателите на минимална плата добиле и плата во плико. Но, значаен дел од платата во плико се претворил во плата на сметка со претходното зголемување на минималната плата од септември 2017 (од 10.080 денари, односно 9.590 денари во секторите кожа, обувки и облека, на унифицирано ниво од 12.000 денари). Со овој потег, уделот на приматели кои примаат минимална плата и кои истовремено добиле плата во плико се преполовил на 33.6% – велат од Институтот.
Оттука, велат од Институтот, за 66.4% од примателите на минимална плата кои во 2019 година не добиле и плата во плико, предложеното зголемување може да биде неодржливо за работодавецот за износот кој го надминува продуктивното ниво проценето на 13.500 денари.
– Од друга страна, за 15 отсто од примателите на минимална плата кои истовремено добиле и плата во плико кој е помал од предложеното зголемување на минималната плата (помал од 2.000 денари), тековното предложено зголемување нема да претставува товар за работодавците кои исплаќале и плата во плико и ќе претставува ефикасен механизам за формализирање на „платата во плико“ – велат од Институтот.