Американскиот претседател Доналд Трамп денеска потврди дека Мајк Помпео минатата недела во Северна Кореја се сретнал со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
– Мајк Помпео се сретна со Ким Џонг-ун во Северна Кореја минатата недела. Средбата поминала мирно и воспоставени се добро односи, напиша Трамп на Твитер.
Тој додаде дека се работи на детали за претстојниот самит.
– Денуклеаризацијата ќе биде одлична за светот, исто така и за Северна Кореја, наведе Трамп.
Претходно, „Вашингтон пост“ објави дека Помпео, кој е номиниран за функцијата државен секретар на САД, за време на велигденските празници бил во тајна посета на Северна Кореја и се сретнал со лидерот Ким Џонг-ун.
Според весникот, целта на средбата била да се постават основи за директни преговори меѓу Трамп и Ким за севернокорејската нуклеарна програма.
Американскиот претседател вчера изјави дека биле спроведени преговори на „многу високо ниво“, без да соопшти дриги детали.