Претседателот на Еквадор, Ленин Морено, го повлече сопствениот закон, со кој беше предвидено намалување на субвенциите на гориво, по повеќедневните насилни протести против мерката која имаше поддршка од Меѓународниот монетарен фонд.
Морено потпиша указ со кој се враќаат претходните цени на горивата.
Потпишувањето на декретот претставува удар за Морено и ја доведува во прашање фискалната политика на Еквадор, но претставува победа за домородните заедници, кои ги предводеа протестите предизвикувајќи хаос во Кито и нарушувајќи ја работата на нафтениот сектор.
Со законот на Морено беа укинати субвенциите, кои важеа четири децении. Се предвидуваше дека со укинувањето на субвенциите ќе се ослободат приближно 1,5 милијарди долари и ќе се намалеше дефицитот договорен со ММФ.