Лично и отворено до бугарските антимакедонисти

 Денес Македонците во северниот дел на Македонија се свои на своето. Се декларираат така како што се чувствуваат и говорат како што мислат. Со или без ЕУ, чувството не ќе им се промени. Затоа, колку повеќе се соживеете со постоечката реалност, толку подобро ќе ни биде пријателството.

7908
Moжеби ќе е излишно, но, дај Боже, да биде полезно моето добронамерно обраќање до вас, комшии Бугари, зафатени од нерационална антимакедонистичка треска. Ќе говорам како Македонец, во свое име и по свое сознание, а вие слободно помножете барем со еден милион, без дијаспората.
Јас имав прадедо комита-автономист и татко партизан, комунист-идеалист. Тие, дедо и внук, секој во своето биолошко и историско време, нарамиле пушка и ставиле глава во торба за еден ист идеал: Македонија на Македонците. За нив тие имиња биле свети зборови. И треба да разберете зошто тие за мене не може да бидат помалку свети. Во спротивно, не можеме да бидеме пријатели. А треба да бидеме.
Националната припадност е лично чувство и интимна определба. Поданичкиот статус е сосема друго. Тој може да биде наследен или своеволно избран или – како во злата историја на Македонците – да биде изменливо наметнуван. Вие, во својата пропаганда против „македонистите“, се повикувате на „декларирања“ во документи од минатото, а нив по клише ги правеле окупаторски режими. Така, мојот прадедо (комитата) бил „Бугарин“ оти при крштевање така го запишал егзархиски поп во Отоманската држава. Татко ми бил пишан со „иќ“ без да го прашаат, а во 1941-та му вденале „ев“ и тој веднаш се почувствувал толку „Бугарин“  што станал „шумкар“.
Простете за дигресијата, ама едно не можам да прескокнам: не сум прочитал ништо посмешно од вашата Википедија, каде велите дека македонските партизани (сите до еден, вклучително и мојот татко) биле „блгарски партизани“! Го разбирам вашиот историски психолошки комплекс, но немате право на други да им диктирате „амнезија“ кој беше кој. Класичната воена окупација на Македонија, со која ја заменивте претходната, не можете да ја покриете со перфидниот манипулаторски термин „присоединение“. Прво, Македонците не се присоединија. Второ, тие беа на спротивната страна. И трето, тоа се неизбришливи факти во светската историографија. Со најдобра намера, тие може да се скријат во учебниците за основно прво одделение, но не и подоцна. И уште нешто: ако од синтагмата „бугарски фашистички окупатор“ се исфрли зборот „фашистички“, ќе остане „бугарски окупатор“, а тоа неправедно ќе фрла кал врз целиот бугарски народ, кој не беше фашизиран, туку неговата тогашна влада и нејзиниот воено-полициски апарат.
За вас секако се значајни и Кубрад и Аспарух и Крум и Борис/Михаил и Калојан и Шишман-Немањичи, и другите помеѓу нив и после нив сѐ до Червенков и Живков, но за Македонецот тие се туѓа историја. Тој не чувствува духовен порив да се идентификува со неа. Зошто ли? Просто затоа што – дури и ако непринципиелно го апстрахирате ромеизираното и христијанизирано домородно македонско население од крајот на антиката – Словените дефинитивно ја преплавиле Македонија точно 99 години пред Аспарух да стапне во дунавскиот „Онгл“. И уште 200 години по него немале врска со т.н. „прaбугари“, сѐ до моментот кога ромејскиот император му ја препуштил Македонија на хан Борис/кнез Михаил, безмалку како екстра награда (а всушност ромејско кукавичко јајце) за капитулантски прифатеното принудно покрстување на Бугарите. Така, македонското население (и поширокото), не по свој избор и преку ноќ, стана подаништво на Првото бугарско царство. Тогаш му беше залепена  етикета, на која вие се возите до денес.
Но, тој политички чин од втората половина на 9. век нема релација со генетиката и со дотогашните традиции. Затоа Македонците секогаш ви се гледале чудни и „малку поразлични“. Математиката е проста, доколку не се мистифицира. За населението во Македонија не било поинаку ниту во често променливите политички констелации до Османлиите, а и после нив. Се менувале само етикетите. Народот не испарувал.
Баталете и за Делчев. Ако преживееше и поживееше, тој осведочен дружбеник на анархистите и социјалистите неизбежно ќе станеше „коминтерновски македонист“ по ваша мерка. Поразмислете аналитички околу тоа, имајќи ги предвид патиштата на Шатев, Сандански, Русински и други, а секако и Хаџидимов, кој последен му правеше друштво во с.Баница. Патем речено, фамилијата Делчеви е од Гевгелискиот крај и нејзини потомци (од чичко на војводата, братот на преселениот во Кукуш меанџија и трговец Никола Делчев) има и во Гевгелија и во Скопје и во САД, а никој од нив немал и нема бугарско чувство барем 100-120 години наназад, колку што се памти. Знам, ќе речете дека бај Никола со преостанатите деца емигрирал 1913-та во Бугарија и бил Бугарин. А имал ли каде да оди по осветничкиот погром врз унијатски предиспонираниот Кукуш и можел ли Никола во Бугарија да биде друго? Во исто време, неговиот брат се нашол во друга државна рамка и не смеел да се каже ниту „Бугарин“ ниту „Македонец“. Но, помладата генерација од нивниот крај (чии татковци биле „един акран“ со војводата Делчев) влезе во тамошна граѓанска војна со македонско народносно чувство. Таа генерација не можела да биде „одродена“ под притисок од околни државни пропаганди, бидејќи од сите била множена со „0“, па самата се искажала дури и кога доживувала геноцидна Голгота.
Познато е дека македонските комитаџии и партизани, независно од различните идеолошки гледишта, се одушевувале од поезијата на вашиот револуционер-анархист, великанот Ботев, затоа што повеле револуционерна борба проив неправдите. Иронично е што сега вие сакате на Македонецот да му нанесете неправда и повреда. Откако влеговте како-така во ЕУ, се заканувате околу неговата евроинтеграција. Најавувате „червени линии“. И велите да бидеме пријатели!!! Толку лошо имитирате некои други што човек би помислил дека зад „заштитата на бугарските интереси“, всушност, ви стои само старата балканско-империјалистичка територијална аспирација. Ќе биде објективно ако во себе си признаете дека поради неа во минатото не сте преферирале автономија на Македонија, дури ни кога приликите реално биле на ваша страна. Еве и сега, поставувате услов да се откажеме од сонародниците во Пиринска Македонија. Така всушност потврдувате дека и вам ви е потребна само заобиколна нова верификација на империјалистичкиот Букурешки договор.
Точно е, имало многу Македонци кои си правеле благопријатни политички кариери во разни бугарски влади. Нели еден таков го стави бугарскиот потпис во 1913-та? Нели имаше и приврзаници на фашизмот? Зошто сакате и тие да се дел од историјата на мојот народ, кога ноторно не се? Не барајте „одродени“ во Македонија; некои такви биле кај вас и можеби сѐ уште ги има. Од нив Македонците одамна се откажале. За разлика од таквите, длабока почит кон поединци, стварно Бугари по потекло, кои пожртвувано се вградиле во македонското дело и се покажале поголеми „Македонци“.
Ви пречи мојот македонски јазик! Па, не морате да го говорите ако не ви се допаѓа. Јас за тоа нема да протестирам.  Ама, не посакувајте да ми го преименувате јазикот со кој сум се родил, оти сосема сигурно нема да се разбираме. И тоа за никого не може да биде добро. Впрочем, како појдовна основа сите го имаме старословенскиот јазик, којшто т.н.„прабугари“ не го говореле во својата источна прапостојбина.
Мене ми е јасно зошто за вас Мaкедонија е „носталгичен недосонуван сон“. Не е само поради загубените три војни со Сан-Стефанска фикција. Во потсвеста имате силни импресии од многубројните стории што ги напишале Макеонци, кои, без оглед колку умееле или како морале да се декларираат, не смееле да бидат на родните огништа, па делувале и пишувале во емигрантство. Носталгијата и сонот биле нивни. Не претставувајте ги како ваши, оти не сте ги доживеале.
Неразумно е ако калкулирате со ротацијата на балканското историско тркало. Тркалото никогаш не застанува на иста точка. Националната еманципација на Македонците, која во минатото доцнела поради пресијата на околните пропаганди, дефинитивно завршила во Втората светска војна. Денес Македонците во северниот дел на Македонија се свои на своето. Се декларираат така како што се чувствуваат и говорат како што мислат. Со или без ЕУ, чувството не ќе им се промени. Затоа, колку повеќе се соживеете со постоечката реалност толку подобро ќе ни биде пријателството.
(Авторот е археолог)
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...