Писателот кој е отселен од татковината, сепак, не живее во дијаспора. Тој живее во јазикот на своето литературно писмо. Мајчинот јазик е неговата татковина, пишува Кица Колбе во својата најнова колумна за Дојче Веле.
Колумната ја пренесуваме во целост:
Имаше години кога често се прашував на кој јазик, всушност, треба да пишува писателот или писателката кои живеат надвор од границите на земјата во која се родиле – на јазикот на луѓето окoлу него или на мајчиниот јазик? Затоа што почнав да пишувам романескна проза токму во средбата со германскиот јазик. Освен ракописот за „Егејци“, сите останати ракописи за романи ги започнував на германски, а ги окончував и објавував на македонски. Дилемава, пред која, веројатно, се нашол барем еднаш во животот секој писател во странство, произлегува и од прашањето за кого, всушност, пишува писателот. За оние луѓе што го сочинуваат неговиот свет во земјата во која се преселил? Или за тие што останале во земјата на мајчиниот јазик? На прв поглед, се чини логично дека писателот треба да пишува за светот во кој живее. Тоа, пак, би значело дека уметникот треба, пред се‘, да пишува за луѓето што ги гледа катаден. А за да го прочитаат уметникот што дошол кај нив од една друга земја, тој тогаш би требало да пишува на нивниот мајчин јазик, а не на својот. Но, дали од тоа може да се направи правило?
Само во мајчиниот јазик писателот е внатре во зборот
Имено, не е мал бројот на светски познатите писатели кои живееле –привремено или трајно – надвор од границите на татковината. А, сепак, создавале на мајчиниот јазик. Руските писатели од осумнаесеттиот и деветнаесеттиот век, особено тие кои потекнувале од благороднички семејства, често живееле во европските метрополи. Самуел Бекет и Џејмс Џојс, обајцата родени во Ирска, творечкиот период го поминале надвор од нејзините граници. Бекет од 1937-та живее во Париз и во првите години пишува само на англиски, подоцна на француски, за на крајот да пишува наизменично на француски и на англиски. Тој самиот ги преведувал своите дела од англиски на француски и обратно. Затоа што особено писателите од литературите на малите јазици, како македонскиот, често се соочуваат со недостигот на добри преведувачи во земјата во која живеат. Томас Ман го пишува својот голем доцен роман „Доктор Фаустус” во егзилот во Америка. Филозофот Теодор В. Адорно напиша во Америка само еден есеј на англиски. 1951-та, во повоена Германија, тој вели дека се вратил за да биде пак во јазикот на детството. Детството е најдлабоко поврзано со мајчиниот јазик. Првиот наш јазик е оној што го учиме од мајките. Паметењето на среќата на детството, кое за Адорно е исто толку значајно колку и за Марсел Пруст, кому му се восхитува, е длабоко поврзано со љубовта на нашите мајки. На друго место Адорно истакнува дека тој дури во Америка сознал колку суштествено е за него, во филозофијата да мисли и да пишува на германски. Сево ова говори дека јазикот на кој писателот пишува, претпоставува нешто повеќе од само добро владеење на еден странски јазик. Затоа што тој јазик не бил јазикот на неговото детство. Тоа значи дека прозното творештво е длабоко поврзано со нашето прво искуство во јазикот. Се чини дека само во мајчиниот јазик писателот е внатре во зборот, небаре јазикот да е впишан во неговата телесност, во неговиот ум. Затоа писателот може во него да продолжи да зборотвори, да создава и пресоздава. Еден кинески писател, кој живееше повеќе од дваесет години во Лондон, ми рече во една прилика дека напишал само една песна на англиски. И сфатил дека во неа го нема него. Затоа што англискиот не е „неговиот поетски“ јазик.
Голема утеха за писателот што живее далеку од земјата на мајчиниот јазик е кога тој ваквите дилеми може да ги сподели со друг писател што се наоѓа во истата животна ситуација. Уште посреќна констелација е која тој писател е и пријател уште од младоста. Како што за мене беше Горан Стефановски. Се‘ до неговата прерана смрт во минатиот ноември. Горан не се двоумеше на кој јазик треба да продолжи да пишува откако се пресели во Англија. Иако англискиот го познаваше подобро од многу родени Англичани. Горан не пишуваше на англиски не само затоа што тој беше познат драмски писател уште пред да се пресели во Англија. Тој пишуваше и во Англија на македонски затоа што беше длабоко поврзан со мајчиниот јазик. Тој ја поседуваше интуицијата на творецот за мајчиниот јазик, која јас за сознав дури подоцна, кога целосно се посветив на прозата, особено на романот. Само во прозата јас сум целосно слеана со јазикот. И имам сила да ја менувам неговата мелодија и форма и ритам, постојано согласно на приказната. Горан знаеше пред мене, дека поврзаноста на писателот со мајчиниот јазик е длабока, мистична тајна.
Бесмислено е да се говори за „дијаспоричен“ писател
Сознанието дека писателот е вистински вдомен само во јазикот е реалност за писателот што живее надвор од границите на земјата во која се родил. Да пишува на мајчиниот јазик за него е вдоменост од најкревкиот, но, во еден друг контекст, најсилниот вид татковина. Мајчиниот јазик за писателот што не живее во земјата на своето потекло е најличната и најчистата припадност на татковината. Кај писателот таа припадност не е контаминирана со патриотизмот на емигрантите. Писателот кој е отселен од татковината, сепак, не живее во дијаспора. Тој живее во јазикот на своето литературно писмо. Мајчинот јазик е неговата татковина. Парадоксално, писателот продолжува да живее во земјата на својот јазик и кога живее далеку од нејзините граници. Затоа е бесмислено да се говори за „дијаспоричен“ писател. Затоа што тој писател со секој запишан збор учествува во духовниот, литературниот живот на татковината. Оваа перспектива тешко ја разбираат неговите сонародници во татковината. Затоа што, веројатно, никогаш не размислувале за суштината на пишувањето.
Во минатото не биле ретки македонските писатели кои живееле надвор од Македонија. Не само браќата Миладиновци, Григор Прличев, Никола Вапцаров или Крсте Петков Мисирков. Секако, тие живееле пред кодифицирањето на македонскиот литературен јазик и пишувале на бугарски или на грчки. Затоа тие и‘ припаѓаат и на бугарската, односно, и на грчката литература. Во таа историска констелација за мене станува уште позначајно да пишувам на македонски јазик. Кога човек ќе се потсети дека од кодификацијата на македонскиот јазик не е поминат ниту цел век, тогаш станува јасно каква предност имаме ние, кои имаме можност да пишуваме на мајчиниот јазик. Горан беше постојано свесен за тоа. Често велеше дека тој нема што да им каже на Англичаните. Или јас на Германците. Тие веќе си го имаат Шекспир и Гете, Хенри Џејмс и Франц Кафка. Ама ние, ние Македонците треба допрва да ги напишеме нашите големи дела, сметаше Горан. Тој тоа го стори, на раскошен начин, обединувајќи ја во својот личен стил и јазик сета македонска традиција. Кога Горан говореше или пишуваше, низ него проблеснуваа најубавите страници од македонското народно творештво, но и најлуцидниот модерен јазичен израз.
Мајчиниот јазик за писателот во странство вистински се преобразува
Пруст веруваше дека книгата го наоѓа својот писател. Напати помислувам дека и јазикот го наоѓа својот писател. Оној што треба да го напише дотогаш ненапишаното, несоздаденото и незамисленото во него. Како лично писателско откровение и завет. Во една исто толку лична смисла тоа силно го доживеав во мигот додека го пишував ракописот за мојот последен роман, „Земја на бегалци“. Затоа што во приказната ползував искуства, сознанија и доживувања од сопственото детство во егејското бегалско гето во предградието на Скопје. Затоа што сакав во неа да го оживеам и костурскиот говор на моите роднини, во еден момент, како еден вид творечко откровение, ми долета мислата: „пишувам слободно на мајчиниот јазик, кој на моите родители им беше забранет во нивната татковина!“ Навистина, неретко моите баби во пазарните денови во Костур крајот на денот и ноќта ги поминуваа во костурскиот затвор. Затоа што грчката полиција ги беше чула како говорат на македонски, на нивниот костурски дијалект. И ги ставаше во затвор, за да ги пушти дури другиот ден, откако ќе ја платеа глобата. Од тој миг пишувањето на мајчиниот јазик за мене стана завет и паметење на историјата на моите егејски предци.
Секако, кога сте писател и живеете надвор од земјата на вашиот мајчин и литературен јазик, вие пишувате во поголема осаменост отколку писателите „дома“. Вие сте целосно сами со и во јазикот на вашето писмо – мајчиниот јазик. Таа надворешна констелација, пак, се преобразува во творечка предност. Затоа што таа во вас ги изострува сетилата за звучноста на зборот. Секој збор од вашиот мајчин јазик во записот се чини како да се раѓа во мигот пред вас. Како да доаѓа до вас од далечина, од врутокот на зборотворението. Мајчиниот јазик за писателот во странство вистински се преобразува. Тој не го гледа јазикот во неговата обичност, како во катадневната размена на значења кога говорителот живее во татковината. Просторната дистанца од татковината на писателот му овозможува да го доживува секој збор како чудо. Тој го мери и одмерува, споредувајќи го со неговиот еквивалент во странскиот јазик. Тој постојано го развива своето чувство за ритамот и мелодијата на јазикот. Зборовите се за него од крв и месо, затоа што го имаат ликот на родителите, на сестрите и браќата, на предците, на планините, на реките и езерата во земјата на детството. Писателот постојано го одложува настрана мајчиниот јазик, како да ја соблекува својата кожа. И ја облекува пак, секогаш кога се враќа творечки во него. Тој ја сече и повторно самиот ја врзува папочната врска со мајчиниот јазик, без заштитата на мајката како симболика на вкоренетоста во еден род, една традиција и една јазична култура. Во секој негов збор живее мајката која го научила на мајчиниот јазик.