Академиците објавиле 107 научни трудови годинава, од нив 41 се со импакт-фактор

Меѓународното признание „Блаже Конески“ им беше доделено на Марија Солецка, Марија Бежановска и Борислав Павловски, кои се заслужни за промоција на македонскиот јазик и литература во Полска, Франција и Хрватска.

485

Активностите на МАНУ во изминатата година се реализираа успешно и со планираната динамика. Академијата се посвети на научноистражувачки проекти од различни области, разгледуваше и актуелни теми, а најголемо внимание им посвети на евроинтеграциските процеси, рече претседателот на Академијата Таки Фити во освртот за изминатата година од работата на МАНУ која денеска го одбележа 52. роденден.

Тој нагласи дека со својата советодавна функција, МАНУ во своите изданија, трудови и зборници објавила препораки и сугестии до креаторите на политиките во сите области на науката и уметноста.

– Имавме извонредно богата работна програма, насочена во различни области која опфати различни теми, главно круцијални и врзани за актуелни состојби во Македонија во сите сфери на општественото живеење кои се во интерес на МАНУ – владеењето на правото и демократијата, што ќе биде и првото поглавје што нашата земја ќе го отвори во преговорите со ЕУ, потоа образованието, особено високото, науката, истражувањето и иновациските политики, економијата, потоа енергетика и животна средина, а посебно внимание обрнавме и на уметноста, културата, јазикот, мултикултурализмот – истакна Фити.

Академијата годинава работи на 89 научни и уметнички проекти, соработува со странски академии, пред сѐ, со соседните БАН и САНУ, а досега во оваа година академиците на МАНУ објавиле 107 научни трудови, од кои 41 се со импакт-фактор.

Претседателот на МАНУ најави четиригодишен извештај за нејзиното работење (2016-2019) на 25 ноември на седница на Собранието на МАНУ на која треба да се избере ново раководство на Академијата.

По повод денот на МАНУ беше доделено и меѓународното признание „Блаже Конески“, чии годинашни добитници се Марија Солецка, Марија Бежановска и Борислав Павловски, кои се заслужни за промоција на македонскиот јазик и литература во средините каде што живеат и работат, односно Полска, Франција и Хрватска.

Бежановска од 1964 живее и работи во Франција и превела околу 40 литературни дела од македонски автори на француски јазик, како и преводи на француски поети кои учествувале на Струшките вечери на поезијата.

Борислав Павловски е редовен професор на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб, а покрај богатата преведувачка дејност е заслужен и за организирањето на Деновите на Миладиновци во Ѓаково и Осиек.

Марија Солецка живее во Полска, а работела како лектор по полски јазик на УКИМ. Авторка е на 50-тина трудови од македонистичката библиографија, главна преокупација ѝ се семантика и синтакса на глаголите.

На својот 52. роденден МАНУ денеска го промовираше и изданието „Камбовски Liber Amicorium книга на пријатели“ во чест на 70 години од животот на академик Владо Камбовски.

МАНУ го одбележа денот во пресрет на годишнината кога почнала да работи – 10 октомври 1967 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...