Владата ја прифати еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни инвертер клима уреди за домаќинствата во општините Битола, Кичево, Тетово и Градот Скопје.
За остварување на оваа мерка, како што соопштија од владината прес-служба, Владата му препорача на Управниот одбор на АД Електрани (ЕСМ), во рамките на акумулираната добивка, да донесе одлука за обезбедување 618 милиони денари за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди, како и да донесе одлука за обезбедување на пари за едукативна кампања за придонесот од имплементација на мерката за здравјето на граѓаните и за начинот на кој таа ќе биде спроведена.
Со цел да се обезбеди транспарентност и инклузивност во реализацијата на мерката, Владата ќе го покани Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, да номинира две граѓански еколошки организации да бидат вклучени во имплементација на оваа мерка.