На денешната Владина седница, Министерството за информатичко општество ги задолжи органите на државната управа и им укажа на институциите кои не се органи на државна управа да спроведат функционални анализи внатре во своите институции. Функционалната анализа ќе се изработува врз основа на Методологијата за спроведување на функционална анализа во рок од еден месец, информира Министерството.
Министерот Дамјан Манчевски рече дека функционалната анализа е алатка која овозможува да се идентификуваат главните проблеми поврзани со постојната организациска структура. Преку оваа мерка ќе се овозможи креирање конкретни мерки за подобрување на ефикасноста и на квалитетот во работењето.
– Спроведувањето на функционална анализа во институциите е дел од еден покомплексен процес на реорганизација на јавната администрација. Резултатите од вертикалните функционални анализи ќе бидат основа и при дефинирање на деталите околку трансферот на вработените од јавнниот во приватниот сектор. Целта на процесот на спроведување на функционална анализа е да ги идентификува предизвиците од организациски и функционален аспект, кои можат потенцијално да го отежнат или попречат остварувањето на надлежностите и задачите на институцијата. Исто така, како резултат од функционалната анализа ќе се предложат конкретни мерки за подобрување на исполнувањето на целите и задачите на институцијата, насочени кон остварување на очекуваните резултати – рече Манчевски
Тој истакна дека по спроведувањето на функционалната анализа ќе се добие реална и целосна слика на подготвеноста на институцијата на краток и среден рок да ги спроведе неопходните реформи за подобро вршење на нејзините основни функции.
Манчевски додаде дека спроведениот процес треба да биде преточен во документ кој ќе даде осврт на ефикасноста на извршувањето на работните задачи како и за дистрибуцијата на расположливите ресурси (кадровски, просторни, ИТ, технички и др.), од кои најзначаен секако е човечкиот капитал.
– Наодите и препораките ќе претставуваат основа за редефинирање на приоритетите, редизајнирање на структурата и насочување на административниот капацитет кон остварување на подобри резултати. Обучивме претставници на 15 институции за примена на методологијата, кои ќе можат да бидат поддршка на останатите институции при спроведувањето на функционалната анализа – рече министерот.
На овој процес, претходеше и функционална анализа спроведена на инспекциските служби, што беше и основа на изработка на нов Закон за инспекциски надзор. Анализата покажа, дека е потребно е да има вкупно 12 инспекциски служби (11 државни инспекторати и една агенција), наместо досегашните 28 инспекциски служби. Околу оваа анализа и понатаму ќе дебатира и јавноста ќе биде запознаета во детали.
Реформата на јавната администрација е хоризонтален процес, којшто единствено може да се спроведе и да ги даде очекуваните резултати, само доколку се темели на сеопфатни и темелни анализи. Избразни решенија, кои можеби на краток рок ќе изгледа дека ја подобруваат состојбата, на долг рок ќе создадат дополнителни проблеми.