Министерство за култура: Колективниот договор ќе биде применлив од 1 јануари 2020

193

Министерството за култура соопшти дека ги поддржува вработените во културата за остварување на нивните барања, најавува јавна расправа за колективниот договор во синдикатите во установите од културата и дека тој ќе биде применлив од 1 јануари 2020 година.

Во соопштение до медиумите, Министерството наведува дека посветено и заедно со сите чинители во културата и со претставниците на СКРМ и на СОНК подолго од една година работи на подготвување на нормативните услови за донесување модерни законски акти кои, како што посочува, во што пократок временски период ќе овозможат остварувања на барањата на синдикалните организации.

– Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата е услов за подготовка на Колективниот договор. Предлог-законот е во завршна фаза и работната група ги внесува забелешките доставени преку ЕНЕР и од страна на надлежните органи, како последна фаза пред да го предаде текстот во Владата на усвојување. Укажуваме дека Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата и Предлог-текстот на Колективниот договор, во Министерството за култура се подготвени уште од минатата година, но се чекаше усогласување со новите измени на прописите за јавна администрација, кои сега се достапни на јавноста – соопшти Министерството за култура.

Со оглед на тоа дека е утврден концептот на новиот закон, во Министерството за култура, како што се наведува во соопштението, засилено и посветено работи со работната група за подготовка на Колективниот договор за културата, во која се вклучени членови на СКРМ и на СОНК.

– Со Колективниот договор се очекува, покрај другите прашања од областа на работните односи, да се надминат и присутните проблеми во утврдувањето на платите на вработените во установите во културата. Заедно со синдикатите, со колективниот договор ќе се елиминира дисбалансот на платите помеѓу одделни дејности и ќе бидат утврдени објективни коефициенти за висната на платите во културата. Се очекува во наредниот период, колективниот договор да биде ставен на јавна расправа по основните организации на синдикатите во установите од културата и дека ќе биде применлив од 1 јануари 2020 година – информира Министерството за култура.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...