Во нашата држава може да најдете сигурна работна сила за работа, на инженерско ниво, но и на ниво на техничари и работници. Моментално не бараме компании што ќе вработуваат многу луѓе, туку компании што бараат повисоко ниво на технолошки вештини и би вработиле од 300 до 500 лица, но со највисоко ниво на технолошка подготвеност, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска на бизнис форумот во рамки на инженерскиот саем во Брно, соопшти неговиот Кабинет.
– Сега е вистинско време за инвестиции во Северна Македонија, која нуди многу производи за чешкиот пазар, но и подизведувачи за чешката индустрија – рече Анѓушев.
На бизнис форумот се претставени условите за инвестирање во земјава.
– Пред да зборуваме за субвенции за стопанството, потребни ни се два предуслови: владеење на правото и стабилност во земјата. Со извесното полноправно членство во НАТО, на почетокот на следната година и добивањето на датумот за почеток на преговори со Европската унија кој го очекуваме наскоро, се задоволуваат тие два предуслова. Сега кога стабилноста на земјата е обезбедена, важно е да се каже дека имаме и план за финансиската поддршка за компаниите кои работат во нашата држава. Тоа е „Планот за економски раст“, кој претставува збир на мерки кои им помагаат на компаниите да го зголемат бизнисот. Се надевам дека овие мерки би ги задоволиле вашите потреби и затоа ве охрабрувам да ја посетите нашата држава и со тоа, се надевам, да ја препознаете можноста за соработка – рече Анѓушев.
Министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска ги претстави владините економски политики.
– Развивме и имплементиравме низа комплементарни економски програми насочени кон подобрување на деловната клима во земјата и поттикнување нови инвестиции, стимулирање на претприемништво, подобрување на технолошките процеси и воведување иновации во производните процеси на компаниите – рече Апостолска, соопшти Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања..