Пол Ван Дајк настапува на Д Фестивал

Ова лето Д Фестивал (од 6 до 8 јули) во својата музичка програма добива импозантно засилување, со потврдениот настап на неприкосновениот Пол Ван Дајк.

172

Двократниот носител на титулата за најдобар светски диџеј, една од првите суперѕвезди во електронската музика, кој успеа истата од „андерграунд“ да ја внесе на голема врата на „мејнстрим“ сцената, соработник со легенди какви што се „Ју-Ту“, Мадона и „Депеш мод“, повеќепати номиниран за Греми и сопственик на милионски изданија, добитник на орден на честа од градот Берлин, величенствениот Пол Ван Дајк е хедлајнерот чиј настап на главната бина во петок на 6 јули ќе го одбележи спектакуларното отворање на годинешниот Д Фестивал.

Поставува светски стандарди

Електронската светска суперѕвезда Пол Ван Дајк уште од раните деведесетти години ги поставува светските стандарди како диџеј. Роден во времето на комунистичката ера во поранешна Германска Демократска Република, уште како млад тајно слуша електронска музика, која во тоа време се емитува на забранетите западни радиостаници, кои, како што и самиот тврди, се заслужни за неговото музичко образование. Зад себе има осум студиски албуми продадени во повеќе милионски изданија, а во текот на кариерата има работено со ѕвезди какви што се „Ју-Ту“, Мадона, „Депеш мод“ и Џастин Тимберлејк. Со вроден талент за сценски настап, Пол е еден од артистите со најмногу остварени настапи низ светот, повеќе дури и од Боб Дилан, „Металика“, „Аеросмит“ и „Ролинг стоунс“.

Френки

Покрај овој светски гигант на електронската музика, во музичката програма на Д Фестивал се придружуваат и значајните музички уметници од регионалната сцена. Најновото име во оваа низа е еден од најуспешните и највлијателни балкански рапери Френки. Од почетоците со Едо Маајка и Еф-Ем Џем, па до сите освоени награди и запишувајќи се со неговата музика и во холивудскиот блокбастер „Неверојатниот Хулк“, Френки за музичките критичари важи за херој на генерацијата, а неговите текстови ги споредуваат со проза.На Д Фестивал тој доаѓа со новиот албум „Егзил“, кој лани го објави светската етикета „Јуниверзал мјузик“ и четири недели беше најпродавано издание на „Гугл Плеј“, надминувајќи го дури и „Revival“ на Еминем, кој излезе во ист ден.
Во тридневната програма на фестивалот во Дојран, својот настап веќе го потврдија и Финк, Дуке Бојаџиев, Горан Трајковски, „Пуси рајот“, „Палиндром“, „Конспираси“, а уште многу други што наскоро ќе бидат објавени.

Ран корморан влезници

Во сите продажни места на „Мк тикетс“, како и онлајн преку овој линк, веќе се спроведува акцијата Ран корморан на Д Фестивал, во чии рамки се продаваат фестивалските (тридневни) билети по нивната најповолна цена и тоа: фестивалски билет (три дена, без кампување) – 600 денари и ол-инклузив билет (три дена, со кампување) – 650 денари. Двата типа билети овозможуваат пристап до комплетната тридневна програма).

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...