Границите, двојните контроли и непризнавањето на исти документи што ја следат стоката се основните пречки коишто сега го забавуваат движењето на возилата и ги прават неконкурентни превозниците од Северна Македонија, Албанија и Србија, оценуваат од Асоцијацијата на здруженија на работодавачите на превозните трговски друштва Макматранс во пресрет на трилатералната средба што за утре и задутре во Нови Сад ја закажа српскиот претседател Александар Вучиќ со премиерите Зоран Заев и Еди Рама.
На средбата, како што најави Вучиќ, ќе се разговара за отстранување на бариерите за слободен проток на стоки и услуги меѓу трите земји.
Гранични и административни бариери
– Иницијативата којашто е покрената е за поздравување затоа што на овој начин се отвора голем пазар за пласман на стоки и услуги во трите држави подеднакво, со целосно укинување на сите нестандардни мерки кои важат за најголем кочничар во растот и развојот на државите, од една страна, а од друга страна ќе се овозможи взаемно да се настапува на другите европски пазари – вели за МИА Билјана Муратовска, претседател на „Макамтранс“.
Според неа, за да се реализира замислата за воспоставување „економски слободи“ и да се отвори поголем пазар од оној којшто сите поединечно го имаме неминовно е целосно анулирање на граничните и административни бариери за поголеми заемни инвестиции и проширување на производните капацитети со што би имале поголема конкурентност на големиот европски пазар и пошироко.
Сета стока што се произведува, како и досега, се превезува, пред се, преку возила во патниот сообраќај, во нашата држава тоа е 96 проценти, а ист случај е и за другите две држави со мал исклучок на Албанија која има излез на море.
Многу документи, малку ленти за товарните превозници
Муратовска препорачува дека за да се забрза протокот на стока потребно е да се укинат сите меѓународни транспортни дозволи меѓу државите за превоз на стока, односно билатералните, транзитните и дозволите за и од трета земја.
– Да се воспостави слободен проток на граничните премини со воспоставување една контрола и тоа кога се влегува во одредена држава контролата да биде од страна на државните органи на таа држава, а не паралелно на двете држави. Да се воспостават на граничните премини минимум две ленти за товарни возила како би се избегнувало создавање на долги колони и чекање од по 10 до 24 часа за да се премине граничната линија. Да се воспостави взаемно признавање на документи кои ја пратат стоката за фито и ветеринарни прегледи (сертификати), кантарски белешки и други документи од аспект на квалитетот на стоката, наведува Муратовска.
Како што дополнува, треба да се почитуваат препораките на Светска царинска организација за воспоставување приоритетни ленти за жива стока, стока во свежа состојба, опасна стока ( АДР) и стока којашто се превезува согласно со единствениот транзитен систем со Т1 и Т2 документи. Станува збор за документи коишто се финансиска гаранција дека секоја држава приемник на испорачаната стока ќе ги наплати фискалните давачки за таа стока, како царина, данок и сл.
За да се зголеми бројот на издавање на Т1 и Т2 документи во државата, укажува Муратовска, потребно е да се изврши и корекција на банкарските прописи и услугите на банките да се пресметуваат во промил, а не во процент, како што е случајот сега. Со тоа шпедитерите и имателите на поедноставни постапки ќе обезбедуваат поголеми банкарски гаранции и Т1 и Т2 документот ќе се вади во местото на утовар, а не на граничните премини или во Србија каде надоместот за таа услуга е многу помал, а со тоа ќе се намалат и застоите на граничните линии. – Се работи за т.н. виртуални пари кои се обезбедуваат во вид на гаранција, а корисникот плаќа исто како да зел кредит, односно услугата е пресметана на месечно ниво во процент. Гаранцијата може да се активира само во случај стоката да не се предаде на корисникот на местото на истовар, што многу ретко се случува и за такви случаи постојат оправдани причини кои се докажуваат со соодветни документи, појаснува Муратовска.
Ветувања за заеднички гранични контроли
Од „Макамтранс“, асоција којашто е репрезентативна во оваа дејност во државава и обединува 1.500 превозници, неодамна апелираа да се надминат проблемите од српска страна за целосно функционирање на заедичката гранична контрола со Србија на преминот Прешево-Табановце, што официјално стартуваше на крајот на август.
Според најавите, наскоро претставници на царините од двете држави на средба во Белград ќе понудат решение со коешто би го забрзале протокот на стока на Табановце -Прешево, којшто е еден од наголемите и најфреквентни премини.
Заменик директорот на Царинската управа на Србија Веселин Милошевиќ вчера изјави дека царините на двете држави интензивно работат на подобрување на заедничката контрола на граничниот премин Прешево-Табановце, првенствено кај товарниот сообраќај.
– Околу 600 камиони влегуваат во Србија за 24 часа, што се смета за голем резултат, бидејќи царинската постапка на Србија во просек трае околу 2,5 минути. Од друга страна, колегите од Северна Македонија изразија загриженост од незадоволството на одредени здруженија на превозници, затоа што во Србија немаме капацитет да ги користиме т.н. брзи ленти наменети за камиони што се празни или само транзитираат низ нашата територија – изјави Милошевиќ.
Статистичките податоци покажуваат дека 57 проценти од размената на земјава во Западен Балкан отпаѓа на Србија. Минатата година трговската размена меѓу двете земји била 889 милиони долари и забележала раст од 11 отсто. Извозот бил 277 милиони со исто така 11 проценти раст, а увозот 611,8 милиони долари што е зголемување од 10,5 отсто. Во првите шест месеци годинава, пак, размената е 600 милиони долари.
Според најавите, до крајот на годинава треба да се воспостави заедничка гранична контрола и со Албанија на граничниот премин Ќафасан. Трговската размена со Албанија лани изнесуваше 166 милиони долари и за една година бележи раст од 15 проценти. И тамошните бизнисмени и експерти редовно порачуваат дека соработката може да биде многу поголема со конкретни барања за олеснување на царинските процедури, воспоставување заеднички технички стандарди на граничните премини и терминали и преземање иницијативи за зголемување на извозот и размената на добра. Истовремено како проблем се потенцира и состојбата на патната инфраструктура.
Најавувајќи ја средбата во Нови Сад претседателот на Србија оцени дека неговата „епохална идеја“ добила „целосен консензус“ од премиерите на Северна Македонија и Албанија.
– Сфативме дека поединечно сме мали и слаби, но ако се обединиме во однос на економските слободи, ако излеземе како блок кон Европската Унија и другите, верувам дека нашата сила ќе биде неспоредливо поголема. Сакаме поцврсто економски да се поврземе, со што драматично би го зголемиле нивото на инвестирање, такво опкружување каде би имале целосна слобода на движењето, сообраќајот и услугите, сето ова би не подигнало и за тоа наидов на целосна отвореност на Заев и Рама – кажа претседателот на Србија.
Лидија Велковска