Вршителот на должноста шеф на албанската дипломатија, Гент Чакај, денеска во Загреб изјави дека албанската Влада едвај чека да соработува со новата косовска Влада.
Чакај, кој престојува во официјална посета на Хрватска, денеска се сретна со премиерот Андреј Пленковиќ и со својот хрватски колега Гордан Грлиќ Радман, пренесоа хрватските медиуми.
По средбата со хрватскиот колега тој истакна дека вчерашните избори на Косово се пример за однесување во текот на избори.
Запрашан за коментар на изборните резултати, кои укажуваат дека многу извесен победник на изборите ќе биде Албин Курти, кој порано беше жесток заговорник на интеграцијата меѓу Косово и Албанија, Чакај истакна дека „Владата на Албанија едвај чека да соработува со новата косовска Влада“.
– Соработката меѓу двете држави само ќе се продлабочува – изјави в.д. шефот на албанската дипломатија, кој, инаку, е роден на Косово.