Поранешни вработени во АД „Типо“ денеска на средба со претседателот на Основен суд Скопје 2 Илир Сулејмани ги претставиле проблемите со кои се соочуваат за исплата на побарувањата по основ на плати за последните пет години пред прогласувањето стечај во ова акционерско друштво во 2005 година, но и постапување на Судот за вложените жалби за износот на стажот, како и ревизија на постапките за имотот, изјави за МИА Снежана Тасевска, поранешен раководител во АД „Типо“.
Тасевска рече дека го информирале Сулејмани и за нивните жалби затоа што им бил исплатен стаж на минимален износ, а како последица на тоа имаат многу мали пензии и покрај многуте години работен стаж. Бараат и ревизија на целата постапка за имотот на „Типо“, и како што вели Тасевска нелогичното побарување од УЈП на персонален и данок на плати иако платите не се исплатени.
– На жиро сметката на „Типо“ има пари и бараме да ни бидат исплатени платите. На случајот „Типо“ досега работеа двајца стечајни судии и шест стечајни управници, но нема разврска и остварување на нашите права, не се постапува по нашите барања и жалби. Неосновано е образложението дека неможе да се направи исплата поради спор за побарувања за резервни делови од хрватската фирма „Далидаровар“ затоа што тие не работат со години. Претседателот на Основниот суд Скопје 2 ни рече дека ќе побара одлучување од Судскиот совет и оти ќе не информира за две недели – изјави Тасевска.
Доколку нема позитивен исход најавува протести на поранешните вработени пред Владата и меѓународна арбитража.
Побарувања од АД „Типо“ имаат околу 600 поранешни вработени. Од нив 200 се починати и права за нив бараат нивните наследници. Бараат преглед на постапките за двете управни згради и магацински простор во Скопје, поранешни стоковни куќи во Гевгелија и во Радовиш и одморалиште во Охрид.