Израелците воодушевени од концертите на македонската Филхармонија

113

Со овации и одлични реакции од публиката, но и од стручната јавност беа проследени трите концерти кои македонската Филхармонија од 1 до 6 oктомври ги одржа во рамки на турнејата во Израел.

На првото гостување во светата земја, оркестарот се претстави под диригентската палка на Маестро Јерухам Шаровски и со младата солистката Даниеле Акта. Оркестарот одржа три концерти во Ерусалим, Од Хашарон и Ришон ЛеЦион. Концертите беа во соработка со оркестрите во овие градови – Симфонискиот оркестар на Ерусалим и Оркестарот во Ришон ЛеЦион со чии директори Јаир Штерн и Оферс Села се сретна директорот на Филхармонијата, Виктор Илиески. На средбите беа поставени основи на натамошна соработка, соопштија од Филхармонијата.

Филхармоничарите со овации беа испратени од сцените на Ерусалим и Ришон ЛеЦион каде тамошната публика особено позитивно реагираше на изведбите на делата од македонските композитори Глигор Смокварски – „Тешкото“ и „Прелудиум Пајдушка“ од Сони Петровски кое беше изведено на бис.

Покрај овие дела на програмата беа и концертот за виолончело и оркестар од Едвард Елгар, кој го изведе неверојатно харизматичната и виртуозна Даниеле Акта, како и познатата Симфонија број 9 „Од Новиот Свет“ од Антонин Дворжак.

На концертот на отворено во градот Од Хашарон на кој присуствуваа повеќе од 2.500 посетители, Филхармонија изведе друга програма – увертирата „Руслан и Људмила“ од Глинка, молитвениот „Кол Нидреи“ за виолончело и оркестар од Макс Брух, како и атрактивната „Увертира 1812“ од П.И. Чајковски. И овој концерт беше поздравен со воодушевување и овации од публиката. На трите концерти беа интонирани и националните химни на двете држави, посочија од Филхармонијата.

Турнејата на Филхармонија во Израел беше целосно поддржана од Министерството за култура, а реализирана со особени заложби на диригентот Јерухам Шаровски, в.д. амбасадорот Александар Аврамовски, амбасадорот на Израел, Дан Ориан, почесниот конзул на РС Македонија во Израел, Шломо Грацијани, како и со поддршка на семејствата на Рашел Шели Леви Драмер и на Бела Балашников од Битола кои се жртви на холокаустот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...