Комуналната компанија „Еко клуб“ од Битола ќе го чисти и собира сметот на автопатиштата во земјава. Покрај ова, компанијата ќе ја коси тревата, ќе го собира плевелот, ќе ги чисти грмушки, ќе ги кастри гранките од дрвјата во патниот појас.
Ова е предвидено во Договорот што Jавното претпријатие за државни патишта го склучи со „Еко клуб“ за период од две години.
За уредување и чистење на патниот појас Јавното претпријатие за државни патишта следните две години ќе потроши 1,1 милион ева (70.800.000 денари).
Во изминатиот период, граѓаните и возачите имаа забелешки за уредувањето и чистењето на просторот околу патиштата, посебно на смет кој често завршуваше и на коловозите.