Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција ќе изврши воена воздушна и копнена операција источно од Еуфрат во Сирија, каде Анкара и Вашингтон сè уште ја немаат воспоставено планирана „сигурна зона“.
– Се подготвивме, направивме оперативни планови и ги дадовме потребните упатства – рече Ердоган, додавајќи дека Турција ќе спроведе воздушни и копнени активности „денеска или утре“.
Организацијата Сириски демократски сили, која е поддржана од САД, денеска соопшти дека „нема да се двоуми секаков непровоциран (турски) напад да го претвори во сеопфатна војна“ за одбрана на североисточна Сирија.
САД претходно се согласија заеднички да воспостават безбедна зона на сириската граница, но Анкара не е задоволна од напредокот на тој план и често се заканува дека ќе спроведе воени операции таму, јавуваат светските агенции.