Пораки на американски дипломати откриваат како од Зеленски се барала истрага за Бајден

177

Високи американски дипломати извршувале наредба од Белата куќа, Украина да отвори истрага за политички ривал на американскиот претседател Доналд Трамп, се дознава од содржината на СМС пораките објавени синоќа од конгресни истражители на Претставничкиот дом.

Пораките се на дипломатите како Курт Волкер, специјален претставник на САД за Украина кој неделава поднесе оставка, како и вршителот на должност амбасадор на САД во Украина, Бил Тејлор, и Гордон Сондленд, амбасадорот на САД во ЕУ. Но, и на високи официјални лица од кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

„Овие пораки откриваат крајно загрижувачка ситуација укажана од претставници на Стејт департментот дека задржаната воена помош за Украина, критичка за земјата, се условувала со средба на претседателот Трамп и Зеленски. Со оваа помош се вршел притисок врз Украина да започне политички мотивирана истрага“, се вели во соопштението од американскиот Конгрес.

Претставниците на трите комисии од Претставничкиот дом, за разузнавање, надзор и реформи и за надворешни работи, укажуваат дека „ова не е нормално или прифатливо“. „Тоа е неетички, непатриотски и погрешно. Американски претседатели никогаш не треба да вршат притисок врз странски сили за напад на домашни политички ривали“, се вели во соопштението.

Пораките беа објавени по речиси десетчасовно сведочење на Волкер вчера пред трите комисии и откриваат разговор меѓу него и двајца други американски дипломати за тоа како да постапат со барањата на Трамп за истрага за поранешниот потпретседател Џо Бајден и неговиот син Хантер.

Еден разговор покажува како Волкер му пишува на советник на Зеленски, ветувајќи средба на новоизбраниот претседател со Трамп во Вашингтон во замена за истрага.

Но, Трамп денеска на подолг брифинг пред новинарите се дистанцираше од пораките што ги објави Претставничкиот дом.

Бајден е во трка за номинација претседателски кандидат од демократите на изборите во 2020 година.

Трамп инсистирал Зеленски да отвори истрага за време на телефонскиот разговор на 25 јули, постапка што поттикна истрага за негов импичмент во Конгресот.

Претседателот го обвини Бајден за злоупотреба на неговата моќ, преку наводно барање Украина да запре кривична истрага водена од украински обвинител за неговиот син Хантер.

Претседателот и неговите соработници не обезбедија никакви докази да покажат дека Бајден бил вклучен во нелегална активност.

Кампањата на Бајден, пак, отфрли секакви сомнежи за корупција во времето кога како потпретседател се ангажирал во напорите на меѓународната заедница да ја запре корупцијата во Украина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...