Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е изненадувачка вест за него одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го назначи актуелниот американски амбасадор во Германија Ричард Гренел за специјален претседателски претставник за преговорите на Белград и Приштина и најави дека ќе има телефонски разговор со него во текот на денот.
По состанокот со претставниците Српска листа во Белград, Вучиќ кажа дека преговорите меѓу Белград и Приштина веќе се одвиваат под покровителството на Европската унија и дека специјален пратеник бил Метју Палмер.
– Американскиот претседател Доналд Трамп сега назначи нов човек и денес ќе имам разговор со Гренел. Тој е, секако, сериозен човек од доверба на Трамп и ќе видиме во која насока ова ќе оди, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија „не изразува незадоволство“ од дијалогот спонзориран од ЕУ.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно го назначи Ричард Гренел, сегашниот американски амбасадор во Германија, за специјален претседателски претставник за преговорите меѓу Белград и Приштина, соопшти Белата куќа.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, коментар за назначувањето на Гренел даде и министерката за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ која оцени дега овој чекор го потврдува засилениот интерес на САД за преговарачкиот процес.
– Ова покажува зголемен интерес на САД и со оглед дека тој е амбасадор во Германија, претпоставувам дека тој има увид во досегашниот тек на преговорите, изјави Јоксимовиќ.
Таа потсети дека ЕУ посредува во дијалогот меѓу Белград и Приштина и дека форматот не се менува.