Собранието по скратена постапка ги донесе измените на Законот за исплата на платите со кој се овозможува буџетарите да ги зголемат платите за 5 отсто започнувајќи со исплатата за септември 2019 година. За зголемувањето на платите на буџетските корисници гласаа 80 пратеници.
За спроведување на овој закон, за три месеци од Буџетот ќе бидат потрошени 10,23 милиони евра (629 милиони денари).
Предлогот за измени го поднесоа пратениците Јован Митрески, Ејуп Алими, Мерал Узеири-Ферати, Неџбедин Каремани, Мирослав Јовановиќ, Јусуф Хасани и Јагода Шахпаска.
Зголемување од 5 отсто на платите ќе добијат 138 илјади вработени во јавниот сектор – јавните установи, локалната самоуправа, социјалните фондови, агенциите итн…
Во текот на расправата која се водеше пред гласањето пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложи зголемувањето на платите да биде за 10 отсто, за што поднесе амандман на комисиите.
– Ветувањето беше уште од минатата година, а одлука на Влада беше донесена во јануари. Цели 10 месеци не се водеше никаква постапка сега ви текна кога инстиуциите почнаа да подготвуваат плата и по скратена постапка да донесете ваков закон – рече Драган Цуклев.
Тој бараше појаснување дали ова зголемување на платите важи за сите вработни или само за државните службеници.
На тоа Јагода Шехпаска од СДСМ одговори дека овој закон важи за сите вработени во јавниот сектор.
– Вработените во јавниот сектор ќе ја добијат со зголемување од 5 отсто и доколку има пари во Буџетот ќе има зголемување на платите и во иднина – рече Шахпаска.