Администрацијата во законскиот рок ќе ги добие зголемените плати за пет отсто за септември, потврди денеска министерката за финанси, Нина Ангеловска.
Таа, нагласи, доцнењето на Законот е заради административно технички процедури, поради што, како што кажа, за жал се случува да се доцни и по неколку дена.
– Во законскиот рок не само што администрацијата ќе ги добие платите навремено, туку ќе ги добие со пет отсто покачување од овој месец. Законскиот рок е до 15 октомври да бидат исплатени платите, но нема да чекаме да истече законскиот рок. Се очекува денеска по скратена постапка да помине законот и доколку институциите брзо реагираат со поднесување на платите вработените ќе си ги добијат навреме со зголемување – изјави Ангеловска.
Таа посочи дека досега имаше три пати зголемување на платите на јавната администрација и додаде дека јавната администрација е клучна за спроведување на реформите и затоа мора да се реагира и да им се зголемуваат платите.