Конгресот ќе упати обврзувачко барање до Белата куќа за документите од истрагата против Трамп

60

Демократите во Претставничкиот дом на Конгресот на САД, кои го иницираа процесот на отповикување на претседателот Доналд Трамп, најавија дека в петок ќе упатат обврзувачко барање до Белата куќа да ги достави сите документи поврзани со притисокот на Трамп за Украина да го испита неговиот потенцијален ривал во изборите, Џозеф Бајден.

Претседателот на Одборот на Претставничкиот дом за надзор и реформа, Илајџа Камингс, во белешка до членовите на тој комитет вели дека таков потег е неопходен затоа што Белата куќа ги игнорирала бројните барања за информации.

По „јасно и итно предупредување“ доставено до Конгресот од страна на генералниот инспектор за разузнавачката заедница, Одборот „нема друг избор освен да ја издаде оваа обврзувачка наредба“, рече Камингс.

Обврзувачката покана беше упатена до вршителот на должноста шеф на Кабинетот на Трамп, Мик Малвени, а од Белата куќа се бара да достави 13 посебни групи на документи поврзани со телефонскиот разговор на Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленски на 25 јули и поврзани прашања.

Во тој разговор, кој е во центарот на истрагата против американскиот претседател во Претставничкиот дом, Трамп вршел притисок врз Зеленски да покрене истрага за можниот кандидат на демократите во изборите следната година Џозеф Бајден или да испита дали тој, како потпретседател на САД, ја прекинал истрагата на украинскиот обвинител за компанијата за гас „Бурисма“, во чиј управен одбор тогаш бил неговиот син Хантер.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...