Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески очекува позасилена динамика на изградбата на автопатот Кичево-Охрид.
– Се работи на основниот проект, но и на дополнителните работи кои беа промашени. Тоа се санира така што очекуваме сериозно зголемување на процентот на реализација. Рокот е јуни 2021 година, се прават напори дел од патот да биде отворен наредната година и тоа делницата од Охрид до Врбјани – рече Сугарески.
За цената на чинење на автопатот Охрид-Кичево, Сугарески рече дека во моментов е наблагодарно да се предвидува, но оти се прават напори по сите основи да се направат заштеди.
– Цените што ги има склучено претходната влада со првичниот договор се сменети. Предвидени биле 411, па 589 милиони евра со анекс на договорот. Ние не можеме да потврдиме колку ќе чини на крајот, моите очекувањата се дека ќе чини помалку. Ако 226 милиони евра биле предвидени сосе дополнителните средства за автопатот Миладиновци- Штип, неговата изградба на крајот изнесуваше околу 180 милиони. Правиме напори да се направат заштеди по сите основи – рече тој.
Во Охридскиот регион, министерот најави реализација на реконструкцијата на патниот правец од хотелот „Гранит“ до село Пештани на патниот правец Охрид-Свети Наум, како и магистралниот патен правец Подмоље-Струга-Ќафасан, но и рехабилитација на делницата од Пештани до Свети Наум.