Самит на „Економист“: „Зајакнување на моментумот за европска интеграција“

Учесниците ќе дискутираат и за тоа кои се најголемите економски предизвици на Западниот Балкан, како се развива регионалната соработка, и на кој начин регионот може да привлече поголеми странски инвестиции.

70

„Зајакнување на моментумот за европска интеграција“ е темата на годинешното издание на Самитот на „Економист“, што ќе се одржи утре во Скопје.

Се очекуваат присуство на околу 450 учесници, меѓу кои странски бизнисмени, политичари и менаџери на компании важни за регионалната амбиција за евроатлантски интеграции, како и новинари.

Меѓу гостите и панелистите се премиерот Зоран Заев, поранешниот помошник американски државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел, поранешните премиери на Грција и на Белгија Алексис Ципрас и Ги Верхофштат, Мартин Шулц поранешен претседател на Европскиот Парламент…

Нашата држава првпат е домаќин на настанот, во организација на „Економист“ најпознатиот неделен економски магазин кој има милионски тираж и е основан во 1843 година.

Самитот во Скопје доаѓа во пресрет на очекуваната одлука за доделување датум за почеток на преговори за Северна Македонија и почеток на нова ера во евроинтеграциските процеси на Западен Балкан.

Вес Мичел ќе говори на тема Западниот Балкан во ерата на голем натпревар меѓу силите, а за европската перспектива на регионот ќе говорат Ги Верхофштат поранешен премиер на Белгија и Димитрис Пападимулис потпретседател на Ецропскиот парламент.

Според организаторите, премиерот Заев, Ципрас и Шулц ќе говорат за тоа кои се следните чекори кон европските интеграции со осврт на Договорот од Преспа, за тоа како обликува балканскиот пејзаж.

За безбедноста и соработката на Западен Балкан и новото поглавје на НАТО ќе дебатираат Мирослав Лајчак претседавач со ОБСЕ и шеф на словачката дипломатија, Бетина Каденбах помошник генерален секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, Алкивиадис Стефанис, заменик грчки министер за одбрана.

Учесниците ќе дискутираат и за тоа кои се најголемите економски предизвици на Западниот Балкан, како се развива регионалната соработка, и на кој начин регионот може да привлече поголеми странски инвестиции.

Самитот се одржува во година која е клучна затоа што станува збор за уникатна ситуација со оглед на очекуваниот Брегзит, новиот состав на Европската комисија и Европскиот парламент, но и трговските војни на САД и поместувањата на глобалната геополитичка мапа.

– Во вакви услови југоисточните земји од Европа се обидуваат да имплементираат сериозни социјални и економски реформи со цел да се приближат до побогатите земји. Северна Македонија изминатава година даде нова надеж дека регионалните конфликти може да се решат и економијата да се придвижува напред. Во овој контекст Самитот на The Economist односно Economist Events ќе биде под насловот: „Зајакнување на моментумот за европска интеграција – потенцираат организаторите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...