Првиот дигитален самит на Западен Балкан ќе се одржи утре во Скопје

Најавено е присуство на премиери, владини претставници, бизнисмени, регионални организации и на академската заедница кои ќе разменат идеи и предлози за заедничко делување.

160

Македонија утре и задутре ќе биде домаќин на Првиот дигитален самит на земјите од Западен Балкан, кој е првиот од серијата настани од овој тип што ќе бидат организирани на годишно ниво.

Самитот е дел од Берлинскиот процес и претставува можност за приближување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ, но ќе бидат презентирани и конкретни начини како да се добијат подобри дигитални услуги, како ИТ фирмите да се поврзат подобро и како младите да добијат квалитетни дигитални вештини.

Најавено е присуство на премиери, владини претставници, бизнисмени, регионални организации и на академската заедница кои ќе разменат идеи и предлози за заедничко делување. Ќе се разговара за намалување на цените на роамингот, сајбер безбедноста, зголемување на дигиталните вештини на граѓаните и меѓусебно дигитално поврзување на земјите од регионот. Се очекува да произлезе и заедничка иницијатива за меѓусебно признавање на дигиталните сертификати.

Парлалелно со дводневниот Самит ќе се одржи и Експо саем на ИТ фирми на кој компаниите од дигититалната сфера ќе ја презентираат својата работа, а ќе биде организиран и Камп за старт ап компании, како и конференција посветена на лажните вести.

Надвор од организацијата на Самитот најавено е дека ќе се одржи и вечера на која ќе присуствува високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини со премиерите од земјите од Западен Балкан кои ќе учествуваат на Самитот.

За организација на Самитот ќе бидат потрошени 245 илјади евра, а за време на неговото одржување ќе има посебен сообраќаен режим на сообраќајниците околу хотелот Александар Палас и Спортскиот центар Борис Трајковски. Ќе бидат затворени и пренасочени за сообраќај улиците „Јадранска магистрала“, „Скупи“, делови од булеварите „Осми Септември“, „Илинден“, како и другите сервисни улици кои гравитираат кон двата објекта. Посебен сообраќаен режим е предвиден и за обиколницата на автопатот до Скопскиот аеродром.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...