Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски за време на работната посета на Њујорк имаа директни средби со менаџментите на неколку американски компании, заинтересирани за инвестиции во нашата земја, соопшти Кабинетот на вицепремиерот.
Како што соопшти Кабинетот на Анѓушев, сите компании со кои се сретнаа Анѓушев и Младеновскипокажаа интерес за инвестирање во земјава, а дел од нив се и блиску до донесување одлука за реализација на инвестицијата.
– Нивните имиња ќе ги објавиме кога тие самите ќе одлучат за тоа. Ме радува што тоа се компании од високо технолошкиот развиен свет, односно компании кои нема да вработуваат 3.000 или 5.000 лица, планирано е да вработуваат помал број на луѓе, од 300-500, но тоа ќе бидат работни места токму онакви какви што сакаме да има во нашата држава, за млади интелектуалци и за високо стручните кадри, за да ги задржиме младите во Република Северна Македонија. Станува збор за потенцијални инвестиции до стотина милиони евра и над тоа некои од нив. Дефинитивно Северна Македонија станува земја којашто е интересна за компаниите од САД. Ценам дека голем придонес во таа работа има и зачленувањето во НАТО и нашите евроатлантски интегративни процеси кои сериозно ги раздвиживме – изјави Анѓушев, соопшти неговиот Кабинет.
Во изминатите две години во ТИР зоните и надвор од нив, според вицепремиерот, започнаа со реализација триесетина инвестициски проекти на странски компании, домашните компании исто така реализираа нови инвестиции и се развиваат и сето тоа се рефлектира преку позитивни економски статистички показатели.
Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Младеновски очекува за дел од проектите за кои се разговараше во Њујорк, да се донесат одлуки во многу брзо, а се надева дека компаниите ќе одлучат да инвестираат токму во нашата земја.
– Генерално сме во последна фаза на преговори со овие компании, набрзо, не се работи за месец-два, туку се работи за некоја недела, се надевам дека ќе може да ги објавиме. Со тоа ќе се заокружи за оваа година поголем инвестициски сегмент од планираното. Во наредната година, кога фабриките кои се моментално во градба ќе заживеат, ќе работат високо квалификувани кадри и тоа ме радува особено – рече Младеновски.
Тој потсети дека во скопската зона швајцарската компанија „Баумер“ започна со работа, додека со изградба на производствени погони започнаа германската „Гересхајмер“, турската „Балканлар Пластик“, како и албанската „Саген“. Тој додаде дека со изградба на фабрики во Скопје набрзо започнуваат „Зенит“ и германската „Кеслер“, со што ќе се реализираат навистина значајни странски инвестиции во државата.
– Во останатите формирани зони се реализирааат сериозни инвестиции во завршување на инфраструктурата, од страна на државата. Во нивните капацитети има уште неколку нови најави за фабрики во зоната Струга, во Штип и зоната во Прилеп – рече Младеновски.