Турски државјани се загинатите и преживеаните во бродската несреќа во Егејското Море

219

Во чамецот што утрово се преврти во Егејското Море, а животот го загубија седум лица се превезувале турски државјани, семејства кои од Турција сакале да избегаат во Грција, потврдуваат извори од Министерството за поморство на Грција за грчките медиуми, jави дописничката на МИА од Атина.

Според медиумите, станува збор за лица со висок степен на образование, кои биле противници на претседателот Реџеп Тајип Ердоган и имале намера да побараат политички азил во Грција. Преживеаните 12 лица, според грчката телевизија „Антена“, веќе побарале азил.

Несреќата се случи утрово околу 11 часот, северно од островот Инусес што се наоѓа меѓу грчкиот остров Хиос и турското крајбрежје, кога под засега неразјаснети околности, и покрај добрите временски услови, чамецот во кој се превезувале вкупно 19 лица се превртил.

Во акцијата на крајбрежната служба на Грција и на Фронтекс биле спасени 12 лица (пет мажи, три жени, четири деца), кои се во добра здравствена состојба и извлечени безживотните тела на седум лица (четири деца, едно бебе и две жени).

Со оглед на тоа дека од турското крајбрежје, поконкретно од Чешме кон грчкиот остров Хиос, со чамци најчесто тргнуваат мигранти и бегалци, првично во Грција процените беа дека станува збор за уште една трагедија со бегалци и мигранти.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...