Земјотресот во Истанбул зеде две жртви, стотици граѓани ноќта ја поминаа на отворено

Турските медиуми јавија дека две лица починаа, а 43 се полесно повредени во земјотресот.

447
ФОТО: EPA / ERDEM SAHIN

Стотици граѓани во регионите покрај брегот на Мраморно море – Силиври и Авџилар, по земјотресот од 5,8 степени што вчера го погоди Истанбул, ноќта ја поминаа надвор, во паркови и градини, поради страв од нов земјотрес.

Одделот за управување со катастрофи и вонредни состојби соопшти дека земјотресот е регистриран во Мраморното Море во 13,59 часот по локално време, на длабочина од седум километри и е почувствуван во западната област Мармара.

Турските медиуми јавија дека две лица починаа, а 43 се полесно повредени во земјотресот.

Претходно, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека осум лица се повредени и оти веднаш биле медицински згрижени. Тој дополни дека освен информации за помали разурнувања, нема извештаи за голема материјална штета.

Телевизиските снимки покажуваат урнато минаре во западен кварт на градот.

Според опсерваторијата „Кандили“, во текот на ноќта се регистрирани уште 37 земјотреси.

Турскиот научник Ахмет Ерџан посочи дека секундарните земјотреси ќе продолжат уште дваесет дена.

Владината служба за катастрофи и итна помош ги предупреди граѓаните да не влегуваат во згради кои се испукани и оштетени.

Рускиот научник д-р Алексеј Завалов, кој е и кодиректор на Лабораторијата за сеизмички ризик при Академијата на науки смета дека земјотресот од 5,8 степени во Истанбул не треба да се коментира како предвесник на посилни земјотреси.

– Бидејќи вчерашниот земјотрес во Истанбул не ја достигна критичната јачина од 7 степени фактот дека епицентарот е далеку од градот не може да се смета за силен земјотрес. Во 1996 година, Ташкент, главниот град на Узбекистан, го потресе земјотрес со јачина од 5,8 степени според Рихтер, но предизвика големи нарушувања. Јас не го делам мислењето на некои научници дека земјотресите кои се случија во Истанбул оваа недела се најава за поголем земјотрес – рече Завалов.

Според него, Истанбул се наоѓа во многу земјотресен регион кој претставува ризик за метрополата.

– Во Русија ги следиме сеизмичките движења по секој голем земјотрес, користиме најсовремени методи за да откриеме што следува. Но, за таа цел треба да се анализираат податоците од сите секундарни земјотреси – додаде тој.

Според научникот, дури и најнапредните сеизмички системи можат само 12 секунди
однапред да сигнализираат за какви било земјотреси.

– Поради тоа, многу висок е степенот на неизвесност во прогнозите, така што на секои 50 години во Истанбул има голем земјотрес – рече рускиот научник.

ФОТО: EPA / ERDEM SAHIN

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...