Фондот за иновации и технолошки развој остро реагира на информациите дека фирмата „Еленица Струмица“ е корисник на средства од Фондот по којa билo основа.
Реакцијата ја пренесуваме интегрално:
„Во рамки на споменатиот јавен повик од 2018 година, токму по реакција на јавноста, Фондот воведе обврска за доставување изјава за сопственичка структура. Изјавата беше побарана и доставена од страна на сите компании опфатени со Одлука на Комитетот за одобрување на инвестиции од 09.07.2018г., меѓу кои воопшто не е споменатата компанија. Компаниите беа презентирани и на јавен настан, отворен за целата јавност.
Правниот субјект „Пауерад“ ДООЕЛ користи средства согласно Одлука за доделување на ко-финансирање донесена од Комитетот за одобрување на инвестиции на 03.12.2018 година. Пред воопшто да се донесе оваа Одлука, како и за сите останати правни субјекти, и од оваа компанија е побарано и е доставена Изјава за сопственичка структура. Во истата, воопшто не фигурира споменатиот правен субјект „Еленица Струмица“.
Потсетуваме дека за секоја промена во сопственоста, по доставување на изјавата, а во период од 3 години по завршување на проектот, корисникот на средства има обврска да побара согласност од Фондот.
Фондот е отворена државна институција и остро реагираме на сите обиди за дискредитација на процесите, од кои полза имаат над 300 домашни микро, мали, средни и големи компании, со вкупно над 15.000 ангажирани лица.
Потсетуваме дека сите средства се предмет на квартално следење од страна на две реномирани светски ревизорски куќи, по однапред утврден план за реализација. Резултатите од проектите јавно се презентираат, како што е случај и со проектот на компанијата „Пауерад“ ДООЕЛ, и веќе привлекуваат интерес и конкретни чекори за понатамошни инвестиции од странски финансиски партнери“, се вели во демантот од Фондот за иновации.