Нема штета за туризмот во земјава, банкротираниот „Томас Кук“ не добил субвенции годинава

Туроператорот „ Томас Кук“ во изминативе години во нашата земја донесе околу 2.000 гости коишто дојдоа со чартер летови.

565

Од банкротот на британскиот туроператор „Томас Кук“ земјава нема да забележи финансиска штета оти туроператорот не користел субвенции, но ќе има штета во наредниот период бидејќи ќе се намали бројот на туристи кои вообичаено од Белгија доаѓале во земјава, велат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Од Министерството за економија тврдат дека туроператорот бил коректен и ги исполнила очекувањата од договорите, а моментално нема група или турист донесен во земјава преку него.

– Со „Томас Кук“, до денеска немало никаков проблем. Според податоците на Министерството за економија тие носеле најмногу туристи од Белгија за време на оваа туристичка сезона. Во моментот нема група од нив во земјава. До сега нема случај некој турист се пожалил или обратил во Агенцијата за туризам или Министерството за економија по банкротот на агенцијата – велат од Министерството за економија.

Според Извештајот на Агенција за промоција и поддршка на туризмот туроператорот „Томас Кук“ лани добил дел од колачот наменет за субвенции. Делел 16 отсто од колачот заедно со други оператори.Годинава, операторот не ги исполнил условите за субвенционирање.

– Кога е во прашање субвенционирањето, овој глобално познат тур оператор ги нема исполнето условите за субвенционирање и една од причините за коишто нема добиено субвенции е токму тоа – неисполнување на условите за субвенционирање на организиран странски туристички промет според правилниот за субвенционирање на АППТ – информираат од Агенцијата за туризам..

Оттука, велат од Агенцијата, не можеме да процениме какви ќе бидат ефектите од банкротот на „Томас Кук“ врз туризмот во земјава.

– Кога говориме дали имаме негативни последици од банкротот на Томас Кук, можаме да кажаме дека ние се бориме за турист повеќе, а Томас Кук во изминативе години во нашата земја донесе околу 2.000 гости коишто дојдоа со чартер летови. Според тоа, негативните ефекти ќе бидат незначителни во поглед на бројот на туристи, но ние најмалку што сакаме е да загубиме големи тур-оператори – велат од Агенцијата за туризам.

Туроператорот објави банкорт пред неколку дена откако неуспешно завршија преговорите со владата во Лондон. Британските медиуми објавија дека владата не сакала да ги откупи долговите на компанијата.

Туроператорот е основан во 1841 година со дејност за организирање летувања во хотели, авионски летови и крстарења.„Томас Кук“ во светот има преку 21.000 вработени во 16 држави.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...