Новиот филм на Ворнер брос, „Џокер“ веќе предизвикува контроверзи поради психолошкото портретирање на развојот на еден сериски убиец.
Имено, некои луѓе сметаат дека ваквите психолошки драми поттикнуваат насилство. Во градот Аурора, Колорадо, САД, 2012 се случи оружен напад во кино за време на прикажување на „Бетмен: Воздигнувањето на црниот витез“, при што беа убиени 82 лица. Џокерот е лик од франшизата за Бетмен, па некои луѓе, потсетувајќи на тој масакр, повикуваат на претпазливост.
Обвинувањата одат и дотаму дека со овој филм продукциската куќа промовира насилство. Компанијата преку соопштение ги отфрла овие наводи.
– Да нема забуни. Ниту измислениот лик Џокер, ниту филмот претставуваат глорифицирање на насилството од каков било вид. Филмот нема такви намери, а филмаџиите не сакаат да го претстават овој лик како херој, соопшти Ворнер брос.
Филмот „Џокер“ е означен со ознаките „Р“, „18 плус“ и слично.
Семејства на загинати во нападот во Аурора испратија писмо по повод премиерата на филмот. Во него тие го поддржуваат правото на слобода на изразување на продукциската куќа, но истовремено и ја повикуваат да ја потврди поддршката на движењето за поголема контрола на огненото оружје.
„Џокер“ е прогласен за најдобар филм на годинешниот Филмски фестивал во Венеција. Во кината ќе почне да се прикажува од 4 октомври.