Во Јавна соба вечерва во 20 часот со изложба на дизајни од едицијата „Европски приказни“ почнува фестивалот посветен на најдоброто од европската литература што го организира Издавачкиот центар ТРИ.
Едицијата од десет врвни книжевни дела, покрај одличната содржина и превод, за првпат вклучува и активна соработка со креативната заедница во Македонија. По покана на ТРИ, познати имиња од домашната сцена се вклучија во изработка на оригинални графички решенија на кориците на делата од оваа едиција.
Иницијативата на ТРИ има намера да ја поттикне соработката меѓу издавачите и дизајнерската заедница во нашата земја и да ја истакне важната улога на ликовно-графичките решенија во создавањето уникатен и атрактивен производ.