Излеани неколку тони железо и киселина во Вардар од пукнатата када на „Арцелор митал“

Во тој случај, освен железо и хлороводонична киселина, може во водата во Вардар да се јави и висока концентрација хлориди кои се токсични за живиот свет, вели проф. д-р Трајче Стафилов од Инстититутот  за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

779

Од пукнатата када во погонот на компанијата Либерти хаус груп директно во Вардар  во неделата се излеале неколку тони железо и киселина, без соодветно третирање на отпадните води, а дел од штетните хемикалии кои предизвикаа масовен помор на риби во Вардар, успеале да ги задржат во работните простории.

Дали освен привремена забрана за работа, ќе следи и кривична пријава за овој тежок еколошки инцидент во Вардар и колкава парична казна ќе треба да плати Либерти хаус груп (поранешен Арцелор митал), дали онаа за трета категорија која изнесува од 70.000 до 100.000 евра или значително помалку, ќе дознаеме во следните два дена.

Од Државниот инспекторат за животна средина појаснуваат:

– Компанијата доби решение за забрана за работа, а согласно Законот за животна средина максималниот рок е 90 дена или до отстранување на дефектот. Но, на  пример, во „Југохром“ не успеаја да ги вградат заштитните филтри во тој рок, па беше даден уште еден рок од 90 дена. Што се однесува до инцидентот во Либерти хаус груп, оттаму ни изјавија дека неколку тони непреработена хемикалија се излеала во Вардар, а дел успеале тие да спасат, за да не се излее сѐ. До петок ќе биде познато дали освен глоба, ќе биде поднесена и кривична пријава – изјави за Плусинфо, Дарко Блинков, раководител на одделението за аналитика и меѓународна соработка во Министерството за животна средина.

Во врска со тоа постои ли некаква заштитна мерка за ваква штетна хемикалија и во иднина да не заврши во Вардар или во друга животна средина по хаварија, Блинков рече дека од оваа компанија најавиле дека ќе ги зголемат мерките за заштита по инцидентот што се случи.

Изјава од инженерите во оваа компанија за тоа како се случил инцидентот и кои плус мерки ќе ги преземат, денеска не успеавме да добиеме.

И токсични хлориди се јавуваат од овие отпадни води во Вардар

Хемичарите предупредуваат – од истурената киселина во Вардар може да се јават и отровни хлориди.

– Бидејќи потврдиле дека тоа се отпадни води од погонот за декатирање челични  лимови, во тој случај, освен железо и хлороводонична киселина, може во водата во Вардар да се јави и висока концентрација хлориди кои се токсични за живиот свет. Киселината ја уништува слузокожата и ткивата и е силен отров. Зависно од концентрацијата што се влеала во Вардар, таа ќе влијае и врз ПХ на водата – таа  обично е 7 до 8, а ако резултатите од анализите покажат дека ПХ изнесувала под 7, тогаш тоа е предизвикано од киселината. Тие погони имаат и погон за пречистување отпадни води, но еве велат дека се случила хаварија, па за, жал, дошло до излевање на овие води без пречистување – ни изјави проф. д-р Трајче Стафилов од Инстититутот  за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Државниот Инспекторат за животна средина од правниот субјект Арцелор митал,  преземен од Либерти хаус груп, бил известен дека „еколошкиот инцидент кој се случи на 22. 09.2019 година е предизвикан од нивна страна. Во работните простории на компанијата е дојдено до пукање, при што е дојдено до излевање на материјал измешан со железо и киселина без соодветно да биде третиран во системот за отпадни води, при што е предизвикано излевање на видно обоена црвеникаво-жолта отпадна вода во Вардар“.

Која е постапката?    

Од Инспекторатот за животна средина потврдуваат дека субјектот е со А-ИСКЗ Дозвола. Арчелор митал е преземен од Либерти хаус груп, но сѐ уште не е официјално регистриран во Централен регистар со новото име – тоа е во процедура и ќе биде решено за кусо време.

– Согласно А-ИСКЗ Дозволата, операторот го извести ДИЗС И МЗСПП за еколошки  инцидент, што е констатирано и со Записник. Во инспекциска постапка следи Решение, како втор акт во постапката. Инспекторот што го води предметот одлучува самостојно за понатамошните акти, која категорија е прекршокот, согласно Законот (прва, втора или трета), дали ќе има покренување кривична постапка и т.н. – додаваат инспекторите.

За првите две категории од Законот за животната средина, помали се глобите.  Инспекторот поднесува платен налог и доколку пола сума не се плати во рок од 8 дена, Инспекторот покренува прекршочна постапка до надлежната Комисија за прекршоци при МЗСПП и понатаму комисијата одлучува, а не инспекторот.

– Така беше и во случајот со Дрисла. За прекршок од трета категорија висината на казната се движи од 70.000 до 100.000 евра, а задолжително се поднесува Записник за спогодување. Потоа, доколку операторот кој сторил прекршок го прифати, отпочнува постапка за спогодување кај втората Комисија, а инспекторот учествува со писмена информација за постапката која ја водел. Ако не успее спогодувањето, предметот оди на Основен суд каде што се случил прекршокот. Судот може да го врати предметот повторно на првостепен орган на одлучување – објаснуваат од Инспекторатот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...