500 милиони евра e штетата за Грција од банкротот на „Томас Кук“

460

Меѓу 250 и 500 милиони евра се очекува да биде штетата за туристичките бизниси во Грција од банкротот на „Томас Кук“ според процените на грчката конфедерација за туризам, која паралелно предлага и мерки за поддршка на оние кои се погодени од падот на британскиот туроператор, јави дописничката на МИА од Атина.

Ослободување од обврската за исплаќање на данокот за престој за ноќевањата што произлегувааат од резервациите направени преку британскиот туроператор е еден од предлозите на конфедерацијата, мерка којa, според грчките медиуми, ја разгледува и Министерството за финансии на Грција каде што синоќа се одржа вонреден состанок за проценка на ситуацијата.

Како што вчера објави МИА, во Министерството за туризам на Грција веќе е формиран оперативен центар за справување со проблемите што произлегуваат од банкротот на „Томас Кук“ и за враќање на околу 50 илјади туристи кои со пакет аранжмани во овој момент се на различни локации во земјата.

Министерот за туризам на Грција, Харис Теохарис рече дека процесот на враќање на туристите веќе е започнат, првите 15 авиони пристигнуваат на грчките острови, а неговата проценkа беше дека во следните три дена ќе се вратат околу 22 илјади туристи.

Најзасегнати се грчките острови Крит, Крф и Закинтос, но и Родос, Скиатос и Кос, каде што туристичките работници кои соработувале со „Томас Кук“ ќе претрпат штета. Проценките се дека најголем број туристи преку британскиот туроператор има на Крит – околу 20 илјади.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...