Преговори на ректорката на Белградскиот универзитет со студентите, блокадата продолжува

177
ФОТО: МИА

Ректорката на Белградскиот универзитет, Иванка Поповиќ, денеска имаше разговори со групата студенти од Здружението „1 од 5 милиони“, кои ја блокираат зградата на Ректоратот од минатиот петок, најавувајќи за утре продолжување на разговорите.

– Разговорите со студентите беа конструктивни, веруваме дека сме еден чекор поблиску до договор. Утре продолжуваме и веруваме дека на најдобар начин ќе го најдеме решението важно за целата академска заедница – рече ректорката Иванка Поповиќ.

Студентите по состанокот изјавија дека блокадата на зградата на Ректоратот продолжува се додека не биде постигнат договор.

– Во консултација со професорите кои нè поддржаа, заклучивме дека е во наш интерес што побргу да го извадиме на виделина докторатот на Синиша Мали и универзитетот што поскоро да започне со решавање на овој проблем. Во таа насока се водеа и разговорите, а блокадата останува и се додека траат преговорите ќе нема влез за службените лица – изјави студентката Валентина Рековиќ.

Ректорката на БУ Иванка Поповиќ синоќа го осуди упадот на активистите на владејачката партија СНС во зградата на Ректоратот, оценувајќи дека со тоа е нарушена автономијата на Универзитетот.

Бидејќи ова беше услов за почеток на разговорите, студентите кои ја држат блокадата на Ректоратот рекоа дека се подготвени за преговори и за компромис.

ФОТО: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...