Омаж за Стефан Сидовски-Сидо во Кинотека

Стефан Сидовски-Сидо е легенда на аматерскиот филм во Македонија, заљубеник и занесеник по филмот од рана возраст, Сидо повеќе од половина век беше синоним за неверојатна посветеност на филмот.

151

Кинотеката задутре од 20 часот ќе организира Вечер посветена на Стефан Сидовски-Сидо (1946-2019), еден од најомилените професори по филозофија и филм, кому Киносојузот на Македонија му ја додели највисоката титула – Мајстор на аматерскиот филм. Во чест на Сидо, кој почина неодамна, на неговото омилено столче во салата на Кинотека ќе биде поставена плочка со неговото име, а на присутните ќе им се обратат и неколку негови пријатели.

Ќе бидат прикажани неколку филмови на Сидо, како и краткиот документарен филм на Тамара Котевска, насловен „Сидо“, нејзин испитен филм по предметот Филмска и ТВ-режија на ФДУ во траење од 20 минути, како и неколку досега необјавени видеоматеријали за професорот.

„Стефан Сидовски-Сидо е легенда на аматерскиот филм во Македонија, заљубеник и занесеник по филмот од рана возраст, Сидо повеќе од половина век беше синоним за неверојатна посветеност на филмот. По 36-те години поминати како професор во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, предаваше и како вонреден професор по историја на филм и теорија на филм во ЕСРА“, посочува Кинотека.

Д-р Стефан Сидовски е роден на 3 октомври 1946 година во Скопје. Студирал филозофија, а во 1973 се вработил во гимназијата „Корчагин“. Во 1995 година магистрирал со трудот „Естетската суштина на филмскиот кадар“, а во 2001 докторирал на тема „Естетиката и дијалектиката во монтажата на филмот“.

Со аматерски филм почнал да се занимава уште од гимназиски денови, прво самостојно, а потоа како член на киноклубот „Камера 300“. Од 1975 Сидовски е член на „Академскиот киноклуб“. Учествувал на многу меѓуклупски и меѓународни фестивали на кои бил наградуван, а некогаш и забрануван.

Беше режисер и актер во своите аматерски филмови, а има и еден краткометражен професионален филм. Автор е на десетици филмови, меѓу кои и „Контејнер“ (2008), „Полуден револуционер“ (2015), „Raison d’etre“ (2006), „Средба“ (2014), „Големиот оратор“ (2007), „C’est la Vie“ (2016).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...