Обединетите Нации ја избраа новата министерка Ангеловска за „Жена-амбасадор на дигитална трговија”

6068

Новата министерка за финансии Нина Ангеловска е една од седумте жени претприемачи во светот, избрана за „Жена-амбасадор на е-трговијата“ од страна на Обединетите нации (ОН), соопшти Владата.

Во рамки на 74-то Генерално Собрание на ОН, кое се одржува од 23 до 26 септември во Њујорк, Ангеловска ќе биде промовирана како една од првите „жени-амбасадори на е-трговија“.

Станува збор, наведуваат од Владата, за исклучително и уникатно признание кое го доделува телото на ОН за трговија, инвестиции и развој УНКТАД (Конференција на ОН за трговија и развој), во рамки на иницијативата „Е-трговија за сите“.

„’Жените-амбасадори на е-трговија’ ќе им се придружат на светските лидери во разгледувањето на досегашните резултати од имплементацијата на Агендата 2030 – Цели за одржлив развој на Обединетите нации и ќе дискутираат за унапредување на оваа агенда. Од УНКТАД иницијативата – „Е-трговија за сите“, истакнуваат дека „супер седумката“ е избрана со цел да се поттикнат и инспирираат жените во светот да преземат иницијативи и да ги искористат предностите кои ги носи глобалната дигитална економија, која е во постојан развој. „За забрзување на економскиот раст и намалувањето на сиромаштијата во земјите во развој, потребно е да се искористи позитивното влијание на дигиталната технологија во комбинација со трансформативната моќ на претприемништвото кај жените“, се вели во објавата на УНКТАД“, соопштија од Владата.

Покрај Ангеловска, која ова признание го добива како ко-основачка на Grouper.mk, првата дигитална платформа за е-трговија од овој тип во Македонија,  останатите избрани „амбасадорки на е-трговија“ се: Ксиаофеи Јао од Кина, основачка и извршна директорка на Rogrand, Клаудија де Хередиа од Мексико ко-основачка и оперативна директорка на Kichnik, Хелианти Хилман од Индонезија, основачка и извршна директорка на Javara, Назанин Данешвар од Иран, основачка и извршна директорка на Takhfifan и Кларис Ирибагица од Руанда, основачка и извршна директорка на DM.HeHe.

„Веќе неколку години наназад придонесот и работата на Ангеловска е препознаена ширум светот. Меѓу позначајните меѓународни признанија е и признанието од Форбс кој ја вброи во листата на 30 најуспешни и инспиративни млади лидери под 30 години во Европа во категорија “е-трговија и малопродажба”. Ангеловска е единствена од Европа која сега го добива признанието од УНКТАД вбројувајќи ја во 7-те одбрани жени-амбасадори“, наведуваат од Владата.

Инаку, иницијативата на УНКТАД – „е-трговија за сите“ има за цел да придонесе во креирањето на политики во националните и меѓународните дијалози во насока на еманципација и развој на способностите на следната генерација на жени претприемачки. Таа е предводена од УНКТАД, а поддржана и од владата на Холандија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...