ИНТЕРВЈУ Никола Ристановски: Добриот театар е универзално разбирлив

1392
ФОТО: МИА

Хари Вејд е егзекутор кој штотуку ја загубил професијата бесач и останал без работа откако во Обединетото Кралство е укината смртната казнa. Тоа е контекстот на приказната сместена во 1963 година во претставата „Бесачи“ според истоимениот текст („Hangmen“) на ирско-британскиот автор Мартин Мекдона, која Македонскиот народен театар премиерно ќе ја изведе во вторник (24 септември) и репризно наредниот ден.

Пиесата првпат е играна во Лондон пред четири години. Авторот на текстот Мекдона е познат по црните комедии (четири драми му се номинирани за најпознатата театарска награда „Тони“), а исто така е добитник и на „Златен глобус“ и номиниран за „Оскар“ за оригинално сценарио (пред две години за филмот „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“).  „Бесачи“ првпат ќе ја видиме на македонска сцена, а ја поставува  бугарскиот режисер Јавор Грдев,  кој  често соработува со театри низ Европа.

Неколку месеци Грдев работеше со 14 актери на МНТ. Улогата на „отслужениот“ џелат Хари му ја додели на Никола Ристановски, кој за нашата публика е „достапен“ во уште неколку претстави од репертоарот на МНТ, покрај ангажманите што ги има во Белград.

Во интервју за МИА, Ристановски зборува за фрустрациите на ликот што го игра во оваа црна комедија во која, како што вели, формата е навидум многу забавна, но од неа може да се извлече многу повеќе отколку од некои развиени тези во многу сериозни текстови на оваа тема. Претставата донесува поинаков менталитет, но додава дека добриот театар и текст се универзално разбирливи.

Каков лик е Хари, што станува со него кога неговата работа веќе не постои и е нелегална?

-Мојот лик Хари Вејд е правен според вистински лик, со своја биографија, кој се викал Хари Ален, исто како и неколку други ликови во драмата кои се темелат на вистински ликови од историјата на правосудството и од тоа милје на егзекутори. Хари му асистирал на главниот бесач Алберт Пиерпоинт (во претставата го игра Јордан Симонов, н.з), кој извршувал егзекуции во Британија и е една икона во тој „занает“, на ниво на национален херој.

Милјето изгледа доста туѓо, не само за гледачот, туку и за еден глумец – кога ќе кажеш егзекутор, тоа звучи навистина екстремно. Но, мојот пристап е многу елементарен, просто замислувам дека е тоа човек кому одеднаш му ја укинуваат професијата и лесно ми е да си го „преведам“ на она што е лично, за да можам да си замислам што значи некому да му тргнат чергиче под нозе. Тука некаде започнува драмата, која има криминалистичко сиже, а  исто така има и фамилијарни и социјални околности зашто најмногу се случува во еден паб.

Како и кај секој човек, кај него тоа укинување буди одредена фрустрација, се разбира. Недостатокот на неговата смисла на живот, во овој случај смислата на егзекутор, раѓа празнина која веројатно се обидува да ја надополни или, евентуално, да не успее во тоа. Од друга страна, се поставува едно друго прашање – без разлика дали е тој егзекутор во име на правосудството или во смисла на тезата на Достоевски во „Злосторство и казна“ – егзекутор во име на некоја идеја или на што било, најважното прашање тука е способноста на човекот да изврши злочин, колку тоа се коси со неговата природа, без разлика дали е тој официјализиран во професија егзекутор.

И тука доаѓаме до прашањето на Ајхман – на баналноста на злото, на леснотијата со која тоа се прави и сите околни реперкусии што тоа ги повлекува. Се разбира, секој човек, секој лик има своја внатрешна логика и многу често таа не е објективна во координатниот систем, не само во општествена смисла, туку и во етичка смисла.

Сепак, треба да се потенцира дека сево ова е во рамки на една црна комедија, не е Достоевски, не е таа тежина на занимавање со тој проблем, но дотолку полошо ако и се насмееме на нешто. Најголемите вистини, не само во театарот, туку и во животот воопшто, се кажуваат на најлесен начин, веројатно низ комедија. Парадоксално.

Напорно ли е да се влезе во психологија на лик кој е сведок, раскажувач и истражувач на смртта?

Па, не било ни полесно ни потешко од сите пати досега. Драматургијата подразбира екстреми и подразбира занимавање и со живот, и со смрт, без разлика дали е тоа класика или современ текст.

За мене тоа не е нова ситуација, особено што овде жанровски се малку изместени работите, така што немам некое посебно доживување на тешкотија и леснотија. Да речеме, Иванов на Чехов е далеку поекстремен во смисла на тоа што еден глумец треба да понесе занимавајќи се со прашањето дали сум жив или не.

Смртната казна е минато во многу општества, но авторот Мекдона се зафатил со веќе неактуелна тема зашто сметал дека и покрај тоа човекот не може да му одолее на  инстинктот за насилство. Дали и поентата на претставата е дека секој човек е потенцијален насилник?

Темата е многу широка. Човекот е во постојан конфликт меѓу она што е неговата природа и она што му го донела цивилизацијата. И тој конфликт повремено е, просто, неиздржлив. Ќе ја спомнам Хана Арент и повторно ќе го спомнам неверојатното, ужасното судење на Ајхман, и што повеќе да се додаде. Ова е само еден ракурс како човек да се занимава со тој проблем.

Меѓутоа, мислам дека во основа не треба да се иде далеку во овој текст. Тој не се обидува да ги разреши тие внатрешни пориви, конфликти и фрустрации, туку, просто, на еден полесен начин се занимава со таа тема, без оглед што се работи за околности во кои се егзекутираат луѓе.

Покрај тоа, авторот е многу паметен и мислам дека нема никакви претензии за поента. Ако треба да споредам како размислува, мислам дека е тоа многу блиску до Тарантино. Тоа не значи дека Тарантино не задира во многу важни теми, но не ми лепи плакат: „Луѓе, сега јас ќе ви објаснам“. Оди низ една форма која е навидум многу забавна, но од која може да извлечеме многу повеќе отколку од некои тенденциозни, развиени тези во некои многу сериозни текстови.

Ви импонира ли лично и на целата актерска екипа тоа што режисерот Грдев од 2015-та трагал по соодветно место за „Бесачи“ и  го избрал МНТ затоа што, како што изјави „располага со актерски ансамбл кој е во состојба да понесе проект со таква тежина“?

Убаво е да се чујат такви работи, а од друга страна тоа не врши работа. Затоа што почетокот на секоја претстава и на секоја улога е, практично, прво одделение или приемен испит. Дури и да е така во врска со ансамблот, тоа убаво звучи, меѓутоа тоа повторно не го решава проблемот, тоа не е сѐ. Повторно треба да се седне во клупа, повторно треба да се учи азбуката, не важи стажот во оваа професија, ниту она што си го сработил порано, дури и ако било добро.

Така што, фала му на Јавор, ама ќе се обидам да го апстрахирам ова зашто може да биде повеќе како товар. Јас би кажал вака: се обидуваме да не го „расипеме“ авторот и да ги задоволиме навистина високите критериуми на режисерот. Тоа се обидуваме. Ако успееме барем пола од тоа, имаме приказна „полна капа“.

А какви се очекувањата за успех кај публиката? Текстот необичен, темата мрачна, жанрот црна комедија…   

Публиката е една мозаична структура, не е хомогено тело,  и не можам никогаш да зборувам за неа. Според моите видувања, две работи се заеднички за публиката – сакаат во театар да дојдат и да бидат за момент заедно, а втората работа е што сакаат некој да им раскаже некаква приказна.  Доколку таа приказна се раскаже и доколку тие успеат да ја следат и да заборават на момент на тоа што е возможно, што не е возможно, тогаш нашата задача е исполнета. Доколку тоа не се случи, помалку успешно е исполнета.

Се разбира дека овде се работи за друг менталитет, воопшто на пишување, живеење, комуникација, хумор, ама од друга страна театарот, особено добрите текстови, имаат во себе нешто универзално, што апсолутно важи без оглед на формата или стилот. Добриот театар, добриот текст, добрите глумци, добрите режисери се апсолутно универзално разбирливи.

Ве има и во други претстави на МНТ, а со голем интерес публиката ги следи и Вашите гостувања со театри од Србија –  со Народно позориште ѝ ги донесовте „Дервишот и смртта“ и „Иванов“, „Глембаеви“ со „Ателје 212“.  Уште сте на релација Скопје – Белград?

Да, цело време сум, зашто има претстави кои ми траат повеќе од десет години. На пример „Дервишот“ влегува во 11-та година играње, сѐ уште е на репертоар. Гледам да не работам многу зашто имам две-три претстави во Белград и уште три-четири тука, притоа сериозни наслови, како „Животот е прекрасен“, „Животот на Молиер“, „Еден месец на село“, „Галеб“, претходно „Мајсторот и Маргарита“.

Би било нечесно да влегувам во нешто ново додека се игра старово. Тоа би било преголем товар и не би било фер. Не ги работам работите со лева рака за да можам да си дозволам да работам бројки. Избегнувам да работам ново – каде било и под кои било околности, затоа што имам живи претстави на репертоар коишто мора да ги опслужувам.

Не правам планови, имам доста работа, во меѓувреме по нешто стигнувам и да снимам, главно во Белград и претежно врзано со филмови и серии. Но гледам и со тоа да не претерувам зашто сакам да имам време и за други работи.

Хатка Смаиловиќ

Фото: Фросина Насковиќ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...